Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија утре од 9 до 14 часот без струја ќе бидат корисниците од општина Зелениково во Таор, Ново Село, Градовци, Гумалево, Орешани, Смесница, Тисовица, Дејковци, Добрино и Пакошево.
Како што најави Регионалниот центар за управување со кризи – Скопје, утре ќе има прекини во снабдувањето со струја во периодот од 9 до 13 часот за корисниците од ул. „Исаија Мажовски“ во општина Ѓорче Петров, од 9 до 14 часот на улиците „Копенхагенска“ и „Бриселска“ и дел од улиците „Женевска“ и „Софиска“, како и кај Управата за контраразузнавање, ул „Тодор Александров“ и ул. „Славејко Арсов“ во општините Аеродром и Центар.
Ѓорѓиевски: Кисела Вода е домаќин на глобалниот STEM натпревар FIRST LEGO League Challenge
Кисела Вода денес беше центар на иновации, знаење и младешки дух, откако општината стана домаќин на еден од најпрестижните STEM натпревари во светот – FIRST LEGO League Challenge. Настанот, кој е поддржан од УНЕСКО, беше отворен од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој изрази гордост што Кисела Вода има чест да биде дел од ова глобално движење.
„FIRST LEGO League е повеќе од натпревар – тоа е иницијатива која ги инспирира младите да размислуваат критички, да соработуваат и да креираат решенија за реални проблеми. Ова е вистински мост за знаење, иновации и соработка меѓу генерациите,“ изјави Ѓорѓиевски на отворањето.
Минатата година, овој уникатен натпревар ги обедини младите од 104 земји и преку 40.000 тимови, а темата за оваа година – „Истражување на океаните“ – го насочува вниманието на глобалната заштита на овој витален екосистем.
Четири тимови од основните училишта во Кисела Вода оваа година ќе се натпреваруваат за шанса да ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена. Победничкиот тим ќе замине на глобалниот натпревар во САД, додека второпласираните ќе учествуваат на регионалниот натпревар во Грција.
„Нашите млади учесници денес покажуваат дека иднината е светла, а Кисела Вода е горда што го поддржува нивниот пат кон големи успеси. Овие ученици се идните лидери во науката и технологијата,“ додаде Ѓорѓиевски.
На натпреварот, учениците ќе презентираат свои иновативни решенија за зачувување на океаните, комбинирајќи креативност, технолошки знаења и тимска работа. Настанот беше проследен со голем интерес од наставници, родители и млади љубители на науката, кои со нетрпение очекуваат да ги видат најдобрите идеи од новата генерација.
Кисела Вода, како домаќин, уште еднаш го потврди својот фокус на поддршка на образованието, иновациите и развојот на младите, поставувајќи нови стандарди за локалните заедници во Македонија.