Connect with us

Македонија

Дали очајнички дивееше ДУИ на денот на албанското знаме?

Published

on

Вчерашниот ден 28-ми ноември албанскиот народ го одбележува Денот на албанското знаме. Меѓутоа, иако не е државен празник, ниту, пак, празник на малцинските заедници, од утрото вчера особено во Полошкиот регион беше забележливо огромното присуство на албански знамиња, но такви со карта на „голема Албанија“. Долги години јавноста го поставуваше прашањето со знаме на друга држава без националното македонското до него не се крши законот за знамиња.

Меѓутоа, поради коалициските калкулации изминатите години реакција од позиција на власт и држава редовно изостанувше, , барем онаква каква што би требало да биде според законот, гледајќи на тоа како на бенигни и изолирани инциденти. А тоа, сосема разбирливи, од некои е сфаќано како премолчување на провокативните инциденти со јасен етнички предзнак.

Но, вчерашниот 28-ми ноември и инцидентите за кои реагира со право огромниот дел од македонската јавност „се случи“ откако ДУИ по речиси две децении замина во опозиција. И тука, се во право првите и донеодамнешните нивни коалициски партнери од СДСМ, кои критикуваат „потфрлање во превенцијата на скандалозните настани“. Требаше да се очекува, патем тоа на извесен начин беше и најавувано,  дека „интегративците“ на Али Ахмети ќе се обидат да предизвикаат радикализирање на состојбата во која повторно ќе се самонаметнуваат како фактор на меѓуетничка стабилност.

Во тој излитен манир на „заштитници“ на албанскиот народ и „миротворци“ од ДУИ ден по скандалозното „прославување“ ќе се огласат со тврдењето дека „интервенцијата на полициската за време на прославата на Денот на албанското знаме била причина за инцидентот“ . Според партијата, полицијата „предизвикала непотребни тензии и создала клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција“. Од ДУИ велат дека го осудуваат индивидуалниот чин на палење на државното знаме, нагласувајќи дека таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците и не се во согласност со стремежите за стабилен соживот и заемна почит.

Но мора да се истакне, за разлика од минатите години кога вакви „славења“ на албанското знаме беа ограничени во средините во кои албанската популација е мнозинска, вчера имавме низа примери на провокации со возила кои демонстративно и провокативно парадираат накитени со албански знамиња и вклучени сирени, токму во средините каде што албанското население и речиси воопшто не е застапено и особено забележливо. И токму во периодот на најголемиот сообраќаен метеж. За среќа, тоа мина без посериозни инциденти на конфронтираност но со срамен навредувачки однос на сожителите, па и кон самите себеси, со уништувањето на знамето на македонската држава.

Па се наметнува прашањето дали ДУИ сака да ја убеди јавноста дека вчера бевме сведоци на изливи на самоорганизирана „масовна прослава“, откако од нивното заминување во опозиција без исклучок секојдневно се обидуваат во своите објави да го протнат наративот за наводните штети што ги трпеле граѓаните од албанско потекло откако тие не се на власт. Според сѐ судејќи, се чини дека станува збор очајнички однапред испланиран обид да се предизвика причина за инцидент и дестабилизација на земјата, а на што од актуелните владејачки структури повеќепати изминатиот период беше предупредувано.  Едноставно затоа што „интегративците“ на Ахмети веќе се свесни дека по дводецениското владеење, албанските гласачи во Македонија веќе не ѝ даваат масовна поддршка на ДУИ, партијата критикувана од своето членство за непотизам и махинации се ситни и дели, и сѐ подалечно изгледа враќањето на власт, особено во скор период.

Покрај тоа, секојдневните средби и инсистирање на челниците на ДУИ кај странските дипломати во земјата очигледно не се ефектуираат со враќање на моќта на Ахмети и неговото опкружување. Напротив, поверојатно е дека „интегративците“ се советувани да останат на сегашните позиции, оптоварени со багажот на сомненија и обвиненија за големи финансиски малверзации. Во таков контекст, на ДУИ навистина не би му останало ништо друго освен да се надева дека во услови на една крајно радикализирана атмосфера може да биде некако уважена како фактор. И, се разбира, воопшто не треба да има сомневања дека партијата на Ахмети веќе ги загубила своите организаторски потенцијали и поддршка. Особено во манипулирањето со екстреми и инсценирањето или едноставно предизвикувањето инциденти, во прв ред, на меѓуетничка основа. Оттаму, јавноста не може се оттргне од перцепцијата дека вчерашните инциденти и провокации се оркестрирани, и дека зад тоа стои ракописот на ДУИ.

Како и да е, македонското знаме вчера беше сквернавено, а албанското злоупотребено и посрамено – наместо да биде чествувано достоинствено – стана инструмент за провоцирање инциденти и остварување лични политички амбиции.

Вообичаено, по синоќешните жестоки реакции на граѓаните преку социјалните мрежи, денеска следуваат и партиските реакции со осуди и очекуваното префрлање на вината на релацијата власт – опозиција. И обвинителите се огласија со најава дека ќе го расчистуваат случајот со уништувањето на државното знаме. Меѓутоа, останува фактот дека станува збор за ситуација којашто е режирана со јасна политичка цел, без грижа за тоа дека на крајот сите ја плаќаме цената за тоа.

Извор: Нетпрес

Македонија

Од понеделник почнува имплементација на планот за справување со корупцијата во правосудството

Published

on

-Доволно беше чекање, акцијата против корумпирани обвинители и судии почнува од понеделник, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по означување на почеток на реконструкција на спортска сала „Расадник“ во општина Кисела Вода.

Тој нагласи дека нема да функционираат како „естрада“ и да се понижуваат поединци, нема да се ангажираат специјални полициски единици при имплементација на планот кој ќе почне да се спроведува од понеделник.

-Не функционираме како естрада и сигурно дека нема сега да кажувам како што тоа во минатото се случуваше пред камери или пред медиуми и да носам специјални полициски единици, да понижувам луѓе, индивидуи итн. Имаме план, од понеделник почнуваме со имплементација. Доволно беше чекање, чекавме, дадовме шанса, доволно беше. Очигледно дека прежестоки се нападите наеднаш на дијареја, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност итн. кога ќе треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата кај поедини обвинители, за жал, изјави Мицкоски.

Тој деновиве во повеќе наврати посочи дека е разочаран од однесувањето на поединци и неможноста за спроведување на правдата.

-Секогаш кога треба правдата да ја имплементираме некој добива дијареја, покачена температура или анксиозност од обвинителите и судиите, Мицкоски пред два дена по посетата на КОСТАЛ Македонија, посочувајќи дека е „жестоко разочаран од тоа што се случува“ и во периодот што следи најавува „робусна акција“ за справување, како што рече, ако треба и „на поинаков начин со тие корумпирани обвинители и судии“.

Continue Reading

Македонија

Гаши го осуди вчерашното насилство и дивеење

Published

on

Во врска со последните настани, претседателот на Собранието, Африм Гаши, најостро го осудува секој чин на дивеење, без разлика на причината или основата што се користи за негово оправдување.

-Насилството и дивеењето никогаш не може да бидат решение или одговор. Уште помалку може да се користат како алатка за провокација со намера за создавање тензии и дестабилизација, се вели во соопштението од законодавниот дом.

Претседателот Гаши повикува на воздржаност, почит и конструктивна комуникација како единствениот пат за надминување на сите предизвици. Само преку меѓусебно разбирање и соработка можеме да обезбедиме мир и стабилност за сите граѓани во нашата заедничка држава.

Претседателот Гаши останува посветен на промовирање на демократски вредности и почитување на државните симболи.

Continue Reading

Македонија

Коњановски: Битола станува регионален центар за стручно образование

Published

on

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска ја посети Општина Битола, каде оствари средба со градоначалникот Тони Коњановски. Главна тема на разговорот беше прогласувањето на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ за регионален центар за стручно образование во регионот Пелагонија, како и за унапредување на образовните процеси во општината.

Јаневска изрази задоволство што токму ова училиште е избрано за регионален центар, нагласувајќи дека по завршените анализи ќе се дефинираат потребните струки и профили, а истовремено ќе се пристапи кон инфраструктурно средување и модерно опремување на училиштето.

„Овој процес бара време, но СОТУ ‘Ѓорѓи Наумов’ ќе стане еден од осумте регионални центри што треба да се заокружат до 2027 година. Центрите во Охрид и Куманово веќе функционираат, а оној во Тетово е во фаза на изградба. И Битола ќе добие модерен образовен центар кој ќе биде од огромна корист за целиот регион,“ истакна министерката, додавајќи дека со ваквите центри учениците ќе стекнат високи компетенции и ќе бидат подготвени за вработување во локалниот пазар.

Градоначалникот Коњановски ја истакна важноста на оваа иницијатива, нагласувајќи дека со прогласувањето на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ за регионален центар, се прави голем чекор кон задржување на младите во регионот преку квалитетно образование и создавање на стручни кадри кои ќе одговараат на потребите на локалниот бизнис сектор.

„Образованието е приоритет за нас како локална самоуправа. Посветено работиме на подобрување на условите во училиштата, реконструкција на спортски сали и поставување на фотоволтаици. Овој проект е доказ за нашата заложба да направиме повеќе за нашата заедница и за иднината на младите,“ изјави Коњановски, заблагодарувајќи ѝ се на министерката за нејзината поддршка.

Со овој проект, Битола се позиционира како еден од водечките центри за стручно образование, што ќе има позитивен ефект врз локалната економија и квалитетот на живот во регионот.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк