Connect with us

Магазин

Во шпанското приморје забележана ретка риба-грабливка

Тим истражувачи од шпанската невладина организација „Кондрик Тенерифе“ ја сними, како што тврдат – првата површинска видеоснимка од возрасна грбава јадичарка (Melanocetus johnsonii) – риба што плива близу дното на океанот.

Морските биолози конкретно не го барале ова необично суштество, туку биле на истражувачка експедиција посветена на проучување на ајкулите, кога неочекувано ја забележале оваа морничава риба. Грбавата јадичарка, инаку, се одликува со голема глава, остри заби и една карактеристична биолуминисцентна „светилка“ на челото што ја користи како мамка за лов.

Соочувањето со ова суштество во блиска средба кај површината на океанот покренува нови прашања за неговото однесување и потенцијалните причини за напуштањето на своето вообичаено живеалиште.

Главните својства и одлики на грбавата јадичарка

Каква риба е тоа? Грбавата јадичарка е познат вид риба од семејството „црни морски ѓаволи“ (Melanocetidae), од групата јадичарки (Lophiiformes). Овие риби ги фасцинираат научниците поради застрашувачкиот изглед, прилагодувањата на животот на екстремни длабочини и уникатните репродуктивни навики.

Живеалиште: Оваа риба живее, обично, меѓу 200 и 2.000 метри длабочина, каде што има целосен мрак и висок притисок.

Изглед: Има исклучително голема глава, огромна уста исполнета со долги, остри заби и црно тело коешто ѝ помага да остане невидлива во темните води.

Биолуминисценција: Има светлечки орган на челото – тн. „илициум“, којшто дава светлина со помош на бактерии и служи како мамка за пленот.

Исхрана: Се работи за грабливец. Се храни со риби и помали организми, кои ги привлекува со својата биолуминисцентна природна светилка. Може да голтне плен поголем од сопственото тело благодарение на растегливиот стомак и вилици.

Репродукција: Мажјаците се значително помали од женките и немаат свој дигестивен систем. Кога ќе пронајдат женка, тие се врзуваат за неа и постепено физички се спојуваат со неа, земајќи хранливи материи од нејзиното тело, додека додека не им останат само половите органи.

Advertisement

Магазин

Истражување открива: Раната изложеност на екрани го нарушува развојот на децата

Мозокот на децата под пет години се развива со неверојатна брзина, но токму во овој чувствителен период малите сè почесто се изложени на огромни количини дигитална содржина. Нов аналитички извештај на британскиот Центар за социјална правда (CSJ), пренесен од Futurism, предупредува дека ова претставува сериозна закана за нивниот физички, психолошки и когнитивен развој – појава која ја нарекуваат „гниење на мозокот“.

Едукаторите потврдуваат дека последиците веќе се видливи во училиштата и градинките. „Имам две деца во мојот клас кои физички не можат да седат на тепих“, изјавил еден наставник. Според него, некои деца кои ретко излегуваат од домот и најмногу време го поминуваат со таблет во раце не го развиваат основниот тонус на мускулите, што подоцна влијае врз целокупниот развој.

CSJ посочува дека малите деца се соочуваат со анксиозност, проблеми со спиењето и потешкотии со концентрацијата како резултат на преголема изложеност на неквалитетна дигитална содржина. Претходни студии, исто така, покажале дека вишокот време пред екран е поврзан со полоши резултати на тестовите за читање и меморија, а кај постарите деца и возрасните – со депресија и зависно однесување.

Алармантните податоци на CSJ се засноваат на извештај на британскиот регулатор Ofcom од мај годинава. Истражувањето открива дека едно од пет деца на возраст од три до пет години самостојно користи социјални мрежи, додека 37 проценти од родителите признале дека нивните деца на таа возраст имаат пристап до такви платформи – значително повеќе од 29 проценти пред три години. CSJ проценува дека тоа се околу 814.000 деца во Велика Британија изложени на нефилтрирана и потенцијално штетна содржина.

Дополнително, една четвртина од осум- и деветгодишните деца кои играат онлајн игри стапиле во контакт со странци, што отвора сериозни безбедносни ризици и создава можности за злоупотреби.

„Ова истражување е длабоко алармантно“, предупредува Лорд Неш, член на Домот на лордовите и поранешен потсекретар за училишта. Тој додава дека децата кои не знаат ниту да читаат, а веќе се водени од алгоритми создадени за возрасни, се во сериозна опасност. Истражувачите од CSJ наведуваат дека училиштата пријавуваат растечки проблеми со однесувањето, намалена концентрација и нарушен идентитет кај учениците.

За поголема заштита, CSJ препорачува воведување минимална возраст од 16 години за користење социјални мрежи, целосна забрана на паметни телефони во училиштата и национална кампања за подигање на свеста за штетните ефекти од непромислената употреба на интернетот и дигиталните платформи.

Continue Reading

Магазин

Паметно греење: совети како да го задржите домот топол без високи сметки

Со падот на зимските температури и растот на трошоците за енергија, сè повеќе домаќинства бараат начини да го загреат просторот без да ја оптоварат семејната сметка. Според термотехничките експерти, не е потребно греењето да работи постојано за да се одржи пријатна температура во домот — доволно е правилно темпирање и рационална употреба.

Стручњаците препорачуваат греењето да работи од 2 до 3 часа наутро и уште до 5 часа навечер, што вкупно изнесува најмногу околу осум часа дневно. Овој интервал, сепак, зависи од квалитетот на изолацијата, моќноста на системот за греење и брзината со која просторот ја достигнува саканата температура.

Во студени утра, најдобро е греењето да се активира околу половина час пред будење, за домот да биде топол од самиот старт на денот. Додека никој не е дома, нема потреба системот да работи — термостатот може целосно да се исклучи за да се избегне непотребна потрошувачка.

Доколку преку ден сте во домот, се препорачува кратко вклучување на системот околу пладне или користење на маслен радијатор или електричен грејач само во просторијата каде што престојувате. На тој начин се избегнува загревање на цел стан, а се одржува локална удобност.

За вечерните часови, оптимално е греењето да се вклучи околу 30 минути пред враќање дома и да продолжи да работи неколку часа, обезбедувајќи рамномерно загревање и комфор без прекумерни трошоци.

Continue Reading

Магазин

Маестро Наум Петрески денес го слави својот роденден – легенда на македонската фолк музика

Еден од највпечатливите и најавтентични гласови на македонската фолк сцена, Наум Петрески, денес го одбележува својот роденден. Роден на 7 декември 1966 година во Охрид, Петрески израснал во Лабуништа – местото кое силно влијаело врз неговата музичка идентификација и врз љубовта кон македонското фолклорно наследство.

Музичката приказна на Наум започнува уште во детството, а првиот јавен настап го имал на само седум години, претставувајќи ја Македонија на меѓународна фолклорна смотра во Загреб. Професионално во музиката влегува во 1990 година, а само една година подоцна го постигнува еден од најголемите успеси во историјата на Валандовскиот фестивал со песната „Има ли песна“, освојувајќи четири награди – од публика, жири, за интерпретација и награда за најдобар дебитант.

Својата кариера ја гради со бројни фестивалски настапи, концерти и турнеи ширум светот. Добитник е на десетици признанија, благодарници и плакети, а неговите песни одамна се дел од македонскиот музички идентитет. Меѓу најпознатите се „Жал за Деспина“, „Има ли песна“, „Лазарополе“, „Љубов голема“ и многу други.

Петрески има остварено значајни дуети со некои од најголемите имиња на македонската музика – Виолета Томовска, Есма Реџепова, Сузана Спасовска, Росана Тодоровска, Зуица Лазова, па дури и со неговата ќерка Анастасија Петреска.

Еден од најзначајните проекти во неговата кариера е „Македонска чалгија“, во кој учествувал со 45 песни на шест албуми. Настапувал и на престижни настани во странство, меѓу кои отворање на македонски културни центри и настап во Сиднејската опера.

До денес има издадено две касети и три студиски албуми, како и заедничко издание со етно групата Синтезис. Неговите солистички концерти, од првиот во 1992 година до последниот во 2022, секогаш предизвикуваат огромен интерес.

Наум Петрески е оженет со фолк пејачката Зуица Лазова, со која живее во Скопје.

Редакцијата му посакува долг живот, здравје и уште многу убави песни што ќе ја збогатуваат македонската музичка традиција.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг