fbpx
Голем скандал ја тресе Македонска пошта

Голем скандал ја тресе Македонска пошта

Ревизорите само го потврдија она што јавноста веќе и го знае, а тоа е дека има многу неправилности во работењето државниот оператор за поштенски сообраќај.

Се давале големи попусти за поштенските услуги, од што, пак, се изгубиле значајни приходи од над еден милион евра, менаџерите си склучувале договори за нивно осигурување иако не требало да го прават тоа бидејќи друштвото работи со загуба, работници со пониско образование работеле на места како за повисоко, а работниците на кои им се давале аванси за службени патувања и други намени, не ги враќале парите и по неколку години.

Ова го откриле државните ревизори по чешлањето на финансиските „книги“ на акционерското друштво Пошта, кое е во државна сопственост, а се однесува за периодот во 2018 година. 

Што издвјуваат ревизорите во својот опширен извештај?

Одобрен бил попуст, пишуваат, од 50 отсто на регулираната цена за голем корисник за резервирани поштенски услуги, за кои АД Пошта има ексклузивитет и гарантирана цена. 

„Како резултат на посебна цена за резервирани поштенски услуги од 9 денари, односно попуст од 50 отсто, само во 2018 година бил остварен помал приход од 86.054.000 денари ( близу 1,4 милиони евра ) доколку се применела редовната цена“, се вели во извештајот. 

Ревизорите сметаат дека оваа договорена цена од 9 денари не е во согласност со Законот за поштенски услуги. 

Ревизијата не се уверила дека приходите од поштенските услуги се целосно прикажани во финансиските извештаи и дека биле правилно вреднувани.

„Од причина што во сите подружници се врши фактурирање по договори, а не се следи реализацијата на договорите, освен од страна на службите за финансии, постои висок ризик за неостварување на приходот поради пропуст, грешка или злоупотреба“, се вели во ревизорското мислење. 

Државните ревизори констатирале и дека, во услови кога Поштата работи со загуба, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори за менаџерско осигурување за седуммина членови на Управниот и на Надзорниот одбор. 

Односно, АД Пошта работела со загуба, која до крајот на 2018 изнесувала околу 10 милиони евра, од кои само во 2018 година се направени над 2,5 милиони евра, а остатокот е од претходните години, што говорело дека финансиската состојба на друштвото е значително влошена. Тоа, пак, според прописите, укажувало дека во такви услови не требало да се склучуваат договори за осигурување на менаџерите, односно дека трошоците за менаџерското осигурување не биле целисходни.

„Но и покрај тоа, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори и полиси за осигурување за периодот од април 2018 до април 2019 година. Од страна на осигурителната компанија по овој основ е доставена фактура од 2,76 милиони денари (речиси 45 илјади евра), која е платена од сметката на Пошта“, се вели во извештајот.

Што се однесува до систематизацијата на работните места, во извештајот се наведува дека на одредени позиции биле распоредени лица со понизок степен на образование од тој што бил предвиден според правилниците. 

Повеќе – https://faktor.mk/skapi-menadzeri-poshta-trupala-zagubi-tie-se-osiguruvale—eve-shto-otkrija-revizorite?fbclid=IwAR3yaC0X5ub1CSXqLWdXOYWqkw0ffpfDJhCSVPXOqL60BuJRRJPz0NF7iRA

administrator

Related Articles

%d bloggers like this: