fbpx
Здраво, јас сум Цеце, имам 22 година и пораснав во СОС Детско село

Здраво, јас сум Цеце, имам 22 година и пораснав во СОС Детско село

СОС Детско село својата работа во Македонија ја започна во 2001 година. Програмата на СОС Детско село, за поддршка на згрижувачки семејства и развој на деца, со тимот составен од социјални работници, психолози и педагози, во континуитет, постојано, поддржува 14 СОС семејства или 59 деца без родители и родителска грижа.

Програмата за поддршка на млади, згрижува 28 млади од 14 до 18 години и дополнително поддржува уште 30 млади излезени од грижа, кои студираат. Преку програмата за Социјална превенција, во двата Советодавни центри во Град Скопје, поддржани се 47 семејства и 144 деци млади во социјален ризик.

Една од нив е и младата Цеце Николова, која ја раскажа својата животна приказна:

Здраво, Јас сум Цеце Николова. Имам 22 година и пораснав во СОС Детско село.

Имав шест години кога дојдов да живеам во куќа „Буба Мара“ (тогаш куќите во кои живеевме имаа сопствени имиња, по кои ние децата и си се паметевме). Ме пречека мојата СОС мајка Наташа. Не се сеќавам многу на првиот ден, бев малечка и сè ми е како низ магла, единствено паметам многу страв, непозната средина, многу лулашки и грижлива жена. Бев прво дете во куќата. Тие неколку месеци додека бевме само јас и мајка Наташа, брзо ми поминаа, лесно се прилагодив и го засакав местото. Мајка, како што и денес си ја викам, за мене и сите други деца кои дојдоа после мене, создаде вистински семеен дом, полн со љубов и грижа. Тоа беше местото каде што трчав после училиште да напишам домашна, за да можам побрзо да излезам да си играм во големиот двор на СОС Детско село.

Мајка Наташа, од првиот ден ми е најверниот пријател и најголема поддршка. Во периодот кога ми беше најпотребно, таа ми беше рамо за плачење. Таа ми беше поддршка кога ме исмејуваа врсниците за моите помалку необични здравствени проблеми. Тој период често се враќав расплакана од училиште – и ТАА беше покрај мене! Беше, а и денеска е секогаш покрај мене и во убавите и среќни моменти.

Сега, кога откако веќе пораснав, работам како репортер во една национална ТВ станица и дополнително сум ангажирана во еден интернет портал. Многу си ја сакам работата и многу ме исполнува. Секој слободен момент го користам да го надградам моето знаење и сонувам за денот кога како образуван и искусен новинар ќе водам сопствен интернет портал. Живеам сама и наоѓам време за сè, а често одам и во СОС Детско село. Обожувам да ги учам нови работи дечињата кои сега живеат во куќата. Заедно со тие што во моментов ги чува, мајка Наташа се грижела за 16 деца. Често сите се собираме и споделуваме новости од нашите животи. Тие моменти ме враќаат во безгрижното детство кое го имав во таа куќа.

Сè што досега постигнав немаше да биде возможно без помошта и поддршката која ја добив од целиот тим на СОС Детско село. Знам дека и идните планови ќе ми се остварат затоа што ТИЕ ќе бидат покрај мене. Ова е мојата животна приказна.

За иднина знам, дека кога ќе оформам семејство, секогаш ќе бидам тука за СОС Детско село. Јас знам дека сета поддршка е наменета исклучиво за децата и младите. Сакам да им помогнам да станат млади луѓе кои ќе успеат во животот. Сакам да помогнам во остварувањето на целта на СОС Детско село и „Ниту едно дете да не расте само“!

administrator

Related Articles

%d bloggers like this: