July 16, 2019

Булевар

На вистинското место

„Нема слаба љубов, таа може да биде само силна или воопшто да не постои“

Ете признавам, виновна сум. Одамна ви немам пишано. Со право ме искаравте. А ја па, како послушно девојче пред строг татко, веднаш подлегнав на прекорот и потрчав да ви се вратам. Сакам да ви признаам нешто денес.
Знаете .. . Јас ве сакам. И тие што ве познавам и тие што не ве познавам.

Со тоа што кога еднаш сте прочитале дел од мене и сте се вратиле по уште малку од Теа, јас знам дека освен сродните души кои си ги познавам, таму некаде во мојата Македонија има уште луѓе што мислат и се чувствуваат исто или слично како мене. И убаво ми е. Како да не ми е?  Сите ние сме среќни кога чувството на припадност ни е задоволено. Сите сакаме да сме различни со притаена желба да најдеме исти како нас.
А исти сме само во љубовта. Сите љубиме и сите мислиме дека нашето е правилно, најсилно и единствено. И е. Секоја љубов е единствена на свој начин. Секоја е силна. Нема слаба љубов, таа може да биде само силна или воопшто да не постои.

А за правилна кој може да каже која е? Секоја е вистинска според мене. И не е една како во книгите и филмовите. Животот е составен од многу љубови, вечни, привремени, започнати, завршени и такви што чекаат да се случат. Од мала сум научена дека душата не може да ми припаѓа некому, таа си е моја и треба да биде доволно широка да ги собере сите што ме сакаат и сите што ги сакам. Во животов, прво што научив за љубовта е дека подеднакво можам да ги сакам и мајка ми и татко ми. На прашањето „кого сакам повеќе? “, никогаш не можев да одговорам. Се чудев како возрасните можат воопшто да ми поставуваат такво прашање? Зар тие на кантар ја ставаа нивната љубов?  Тука беа и бабите, дедовците, роднините.

Сите ми даваа неограничени дози љубов, на сите им бев центар на внимание и едноставно не можев да не ги сакам повратно. Бегав, гризев, на почетокот и после научив да ја примам нивната љубов, па од кога научив да ја примам можев и да ја вратам. Ама не беше иста љубовта како онаа спрема родителите, не беше помала, ниту помалку вистинска, едноставно беше поинаква. И научив да правам фиоки во срцето, во секоја фиока ставав посебна љубов. Кога се роди брат ми, најголемата фиока си ја зафати тој, таков си е, сака да се шири. Како растев, како запознавав нови љубовни луѓе, ми растеше и срцево и бројот на фиоките во него. Сите се во различни бои, зашто сакам шаренило.
Сега од кога ми покажавте дека постоите, вие, моите читатели, па и во толкав број,  имам нова фиока, за вас. Срцево слободно може да ми препукне од среќа. Ново ќе ми порасне. И пак ќе ми биде полно.

-Теа Славевска

%d bloggers like this: