November 13, 2019

Булевар

На вистинското место

Пијанист од Македонија без дланки го трогна жирито на германски „Суперталент“

Јозафат Раман, 17-годишен пијанист од Македонија без шаки и стапала, со својата изведба на саундтракот за филмот „Реквием за сон“ го трогна жирито на германското телевизиско шоу „Суперталент“ на РТЛ.

Сара Ломбарди низ солзи го проследи неговиот настап, а Дитер Болен вчудовиден молчеше со фиксиран поглед врз кандидатот од Келн додека со неразвиените шаки ги допираше клавишите на пијаното.

Раман, кој е роден и пораснал во Македонија, а веќе пет години живее во Германија, се родил без шаки и стапала.

„Тоа е генетски дефект“, му објасни тој на жирито. „Немам целосни раце или прсти, а исто така носам и протези на долниот дел од двете нозе“.

„Секогаш го правев тоа што го сакав. Сакам да покажам дека можете да направите сè и покрај вашиот хендикеп. Сето тоа е прашање на волја. Треба само да вложите многу работа и енергија“, додаде тој, откривајќи дека четири години свири пијано.

„Видов видео на Јутјуб и помислив: Би сакал да го сторам истото“, изјави момчето со физички недостатоци, но со талент за музика.

Членката на жирито Ломбарди настапот на Раман ја потсети на тешкото време поминато со синот Алесио, роден со срцева мана.

„Тој навистина крајно ме трогна, ме преплавија емоции“, рече таа, додавајќи дека „луѓето родени на овој начин се вистински борци во животот“.

„Не мислев дека ќе биде можно со овие раце“, призна нејзиниот колега од жирито Болен. „Ми покажа дека ако сакате да постигнете нешто, можете да го сторите тоа“.

Раман доби „зелено светло“ од сите три члена на жирито. Тој тукушто ги положи завршните испити за десетто одделение и сега сака да заврши средно училиште, а потоа да учи за наставник по музика. Како што вели, музиката е неговиот голем сон во животот.

Настапот на Јозафат Раман на „Суперталент“ на линкот:
https://www.rtl.de/videos/klavierspieler-josafat-raman-flasht-die-jury-5daae432d15e98407b69b5d4.html

%d bloggers like this: