August 17, 2019

Булевар

На вистинското место

„Поминувам по 24 аптеки за да најдам лек за епилепсија”

Во рок од три дена имам поминато 24 аптеки, 1 лекар специјалист невролог и 1 матичен лекар. Станува збор за процедура што ја поминувам скоро секој месец во потрага по дефицитарниот лек оксалепт за третирање на епилепсија.

Лековите од типот на тегретол, окскарбамазепин и трилептал се дефицитарни со месеци. Што тоа значи? Значи дека треба да се претргнеме од барање за да добиеме лек без којшто ние како лица со епилепсија не можеме да живееме. Тукушто се враќам од кај лекарка којашто ми кажа дека има луѓе што воопшто не можат да ги најдат лековите и веќе имаат дневно епилептични напади поради тоа. Па јас сега се обвинувам како може да јас немам време да се заангажирам со медиумите за ова, да напишам нешто, да помогнам да се слушне за сето ова.

Во суштина навистина немам време. Значи, јас кога секое пакетче на лекови ќе ми дојде при крај, цел град го поминувам секој ден по аптеки барам лекови, се јавувам по други градови каде што би можеле да имаат лекови, па спремен сум да тргнам уште истиот ден во друг град, се јавувам по веледрогерии, по невролози и што ли уште не. Ова е дневна борба на лицата со епилепсија. Во основата на појава на епилептичните напади е стресот, барем од моето искуство. Ова е една толку стресна и грчевита состојба, состојба на непредвливост во којашто не знаете како ќе завршите со потрага по нешто без коешто не можете да живеете. Живеењето во помисла дека имате само 2 или 3 таблети во вашиот дом е една толку стресна состојба што дополнително ги влошува нашите состојби.

Значи, заклучокот е дека Македонија не е држава што треба да биде примена како членка во некои повисоки инстанци како Европската унија каде што основните цивилизациски потреби за преживување се задоволени, а веќе се зборува за понапредни концепти. Ова е држава во којашто државата го загрозува здравјте на своите граѓани и сметам дека оваа држава треба да биде казнета за тоа и сериозно треба да се преиспитаат сите начини на коишто се оштетуваат граѓаните.
(Ангел Димитриевски за Фокус )

%d bloggers like this: