ИНСПЕКТОРИ НА ТЕРЕН : Неколку тегли ајвар може да ве чинат и 50 евра

е се прави ли ајвар годинава? Скопјани растргнати од една страна од традицијата а од друга од строгите казни за злоупотреба на јавниот простор за евентуално печење пиперки. 

Граѓаните во зградите велат дека неодговорноста кај некои од сожителите причинува големи проблеми, бидејќи целата зграда се зачадува, мириса на чад од ќумбињата, но велат дека не сакаат да пријавуваат бидејќи се соседи и не сакаат да создаваат проблеми со нив.
И луѓето што живеат во куќи честопати причинуваат хаос од правењето зимници. Наместо лушпите и семките од пиперките и другите производи да ги соберат и да ги фрлат во контејнер, тие со црево си ги мијат дворовите, исфрлајќи ги остатоците надвор од дворовите на самите улици. Па, така, минувачите газат во семки и лушпи што останале околу атмосферските канализации или, пак, се наталожиле над нив оневозможувајќи го секој проток на вода. Со тоа се затнува канализацискиот систем, па при поројни врнежи од дожд, водата останува на улиците и причинува дополнителни проблеми за граѓаните.
Градските власти велат дека која било узурпација на јавен простор е прекршок што се санкционира во согласност со одредени законски прописи.
– Ова е наменето за јавните површини, што значи дека истото тоа не ги опфаќа приватните дворови на куќите и викендичките. Конкретно за зимниците, станува збор за прекршок во согласност со Законот за јавна чистота, кој може да го спроведуваат инспектори од државниот, градскиот или општинскиот инспекторат или редари, како и Министерството за внатрешни работи. Казната за оваа мерка, во согласност со законот, изнесува 50 евра во денарска противвредност – информираат од градот.
Оттаму додаваат дека секоја сезона градските инспектори и редари се на терен.

– Нашите инспектори и редари се на терен, каде што најчесто даваат опомени, но понекогаш и казни за прекршувачите на овие одредби. Градот апелира граѓаните да се однесуваат совесно, бидејќи контролите, како и досега, ќе продолжат и сите лица што ќе бидат затекнати како го прекршуваат законот, ќе бидат казнети од страна на нашите инспекциски служби, или од општинските инспектори, комунални редари или од МВР – велат од Градот Скопје.