Размислуваш: „Чекај, може во иднина државата ќе се среди“

Лина е трета година на љубљанскиот Факултет за математика и физика. За себе, ќе каже дека е личност што спортува, излегува со пријатели, го обожава Скопје. Го води проектот „Запознај ги скопјани“, што е иронично, вели таа, бидејќи не живее во Скопје.

На студирање во Љубљана заминале три другарки. Одлуката ја поддржала и семејството. Влијаело и тоа што повеќе врсници одат во странство, но и сите случувања околу неа. Лина е од генерациите средношколци што бојкотираа настава поради лоши реформи.

Таа е само еден пример од илјадниците млади луѓе кои си заминаа од земјава на студии, работа или да бараат подобар живот.

„Значи, во никој случај не ми паѓа на памет да се враќам и да се запишам на УКИМ, на пример, или на било кој универзитет во Македонија. Во моментов сум тука во Љубљана и планирам да останам. За во иднина, ќе видиме како ќе се одвива. Ама, конкретно за студирањето, дефинитивно не се враќам таму. Затоа што, гледаш колку е поразличен тука принципот на учењето, како се третираат студентите, кои се нивните можности. На накој начин, студентите од Македонија се лишени од тоа вистински, длабински, а не површно научат нешто“, вели Иванова.

За одењето во Словенија, ја понела и генерацијата, трендовите на нејзините врсници.

„А тие надвор, по дифолт ќе ти речат: ’да, најубаво е, оди си од Македонија’. Исто така, кога разговараш со некои постари луѓе што останале во Македонија, што им е криво што не излегле од таму, исто така те наведуваат да размислуваш во таа насока. И нормално, сите тие работи што ги доживуваш во Скопје како средношколец. ‘Сега сум 18 години, учам во Корчагин… и што?’ Размислуваш нешто од типот: ‘чекај, може во иднина нешто ќе ми направи државата да се чуствувам несреќно и да не можам да успеам да направам тоа што го сакам?!“, нагласува Иванова.

За Лина, младите во Македонија немаат поддршка и за нивните идеи. И да пробаат, слабо доаѓа фидбек. Искусила на своја кожа кога учествувала во натпревар за иновативни идеи, за социјални бизниси.

„Бев во финалистите, ама бев единствената што има 17 години. Чувствуваш, знаеш дека ништо не можеш да направиш. Не можеш да победиш, не можеш после да ја тераш идејата, бидејќи имаш само 17 години, и никој не те гледа озбилно. Иако ти си преоптимистичен и амбициозен да го направиш тоа“, вели таа.

На прашањето што треба државата да направи за да ги натера, мотивира младите да останат, Лина вели „многу работи“. Пример, да почне со основните, навидум неважни нешта.

„Имаше маратон во Љубљана пред некој ден, цел град беше затворен, ама толку беа организирани што на секоја автобуска имаше човек што ти кажува каде да одиш, кој автобус ќе помине, каде ќе помине… И ти уствари не се нервираш. Тие некои моменти во денот што, во Скопје на пример, ќе има некоја гужва, па нормално во институција нема да завршиш работа, бидејќи шалтерот не работи… И така, мали неколку работи, ти го прават цел ден да ти биде неубав, и тоа продолжува така со недели и години. И, на крај стануваш несреќна личност“, нагласува Иванова.

Таа смета дека системите на запад, на некој начин, се многу построги. Мораш да се навикнеш на нив за да можеш да преживееш.

„Ти си навикнат на некои правила, и гледаш и на друго место да ги почитуваш тие правила, па кога ќе дојдеш во Скопје, ги почитувам тие правила, ама никој друг не ги почитува“, забележува младата студентка.

Статистика за миграција и одлив на мозоци

Извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ покажува дека четвртина од населението во Македонија (приближно 500.000 луѓе) веќе ја напуштилo земјата во изминатите години (Светска банка 2019).

Според истиот извештај, стапката на емиграција на високо квалификувани работници во Македонија е една од највисоките на Балканот и Источна Европа, со скоро 40% од луѓето кои мигрирале имаат високо образование.

Од 2017 година, во извештајот се забележува дека повеќе од една третина од универзитетски образованата работна сила во Македонија живеела во странство и дека „околу 70% од луѓето вработени во македонскиот систем за високо образование планирале да емигрираат; 20% од нив веќе аплицирале за работни места во странство.