Хрватска ќе ја намали музиката во кафулињата зошто луѓето кога помалку викаат заразата помалку се шири

Националниот штаб на цивилна заштита ќе побара од угостителските објекти да ја намалат музиката во рамките на новите мерки за борба против ширењето на заразата. Ова го потврди министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, кој раководи со штабот, велејќи дека ова барање е поткрепено со научни студии.

„Планираме да имаме состанок со угостителите. Мора да разговараме за сѐ што нѐ чека во наредниот период, па така и за стишувањето на музиката во кафулињата и баровите. Не е никаква тајна дека постојат научни истражувања кои го потврдуваат тоа. Кога луѓето помалку викаат, и заразата помалку се шири“, кажа Божиновиќ.

Штабот неодамна повторно ја продолжи забраната за работа на ноќните клубови, баровите и кафулињата после полноќ и оваа одлука останува на сила до 7 октомври.

Истражување на Универзитетот Калифорнија покажало дека зголемувањето на бучавата за 35 децибели придонесува да се испуштаат 50 пати повеќе честички на заразата.