Нема да има картички за докторите, сестрите и невработените активни баратели на работа

Дваесет и седум вработени во гостиварското Инфективно одделение во знак на револт ќе штрајкуваат бидејќи се исфрлени од листата за домашни платежни картички иако оваа бенефиција, согласно уредбата на Владата, е наменета за вработените во инфективните одделенија на општите болници. Тие доставиле Ургенција со потписи на сите вработени до Владата, но и Приговор до Министерството за здравство и ФЗОМ. Oфицијално објаснување зошто гостиварските здравствени работници не се ставени во групата, иако Инфективното одделение во Гостивар уште од почетокот на кризата е регионален ковид-центар, е дека немале пациенти заразени со ковид-19.

-Ние навремено поднесовме приговори и тоа до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и до Владата на РСМ. Меѓутоа и по поднесениот приговор и по разгледувањето на приговорите од страна на надлежните органи и доделувањето на платежни картички на оние лица на кои им беа усвоени приговорите ние платежни картички повторно не добивме, ниту пак добивме писмен одговор зошто ние здравствените работници од Гостивар, како вработени во Инфективното одделение Гостивар кои од почетокот на пандемијата бевме вклучени во борбата против ковид-19, не ги добивме платежните картички „Купувам домашно“, се вели во реакцијата на вработените од гостиварскиот Ургентен центар.

Според најавите на премиерот Зоран Заев, во четвртиот пакет економски мерки, еднократна помош од државата не треба да очекуваат активните баратели на работа, кои добиле пари со третиот сет мерки, туку државни пари на картичка ќе добијат само пасивните баратели на работа.

Според податоците на Агенцијата за вработување, во август имало 144.759 невработени, кои се пријавуваат како активни баратели на работа и кои секој месец редовно се евидентираат. Како пасивни баратели на работа, или други лица што бараат работа, во август имало 84.059 невработени и тие имаат обврска за пријавување во Агенцијата еднаш на шест месеци.

Во изминатиов период, пак, како што пишуваше „Слободен печат“, многу невработени што досега не се пријавуваа во Агенцијата за вработување, поитаа да се пријават, и тоа како активни баратели на работа очекувајќи дека во овој пакет на мерки ќе има пари за нив. Дел од пасивните баратели на работа, пак, се префрлиле во активни баратели, затоа што минатиот пат пари имаше само за нив. Според нашите сознанија, за спроведување на оваа мерка во четвртиот пакет, ќе има некој датум што ќе биде граница до која ќе се земат предвид податоците за пасивни невработени што ќе добијат државна помош.

За разлика од претходно, кога невработените добија по 9.000 денари, сега сите платежни картички се по 6.000 денари.

– Овој пат платежни картички со износ од 6.000 денари ќе ги добијат 5.726 самохрани родители, пензионерите со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наши сограѓани пензионери, невработените што се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници чија бројка е 520 корисници. Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а за што навремено и со право реагираа претставниците на студентите. Плус поддршка за ученички и за студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици. Секако, ќе ги помагаме и оние граѓани што се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи. Со тоа, оваа мерка опфаќа 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.