Тестирањето заврши – Утре почнува учебната година

Нема дневник за оценки, нема тефтери на катедрата. Лаптоп и слушалки се сега редовен декор во училниците и сѐ што им е потребно на професорите за од работното место да ја водат наставата на далечина. Наместо со креда на табла, ќе се снаоѓаат со слајдови и презентации и ќе ја користат онлајн-платформата. Така ќе предаваат, а комуникација со ученик наместо со „два прста“ во вис сега ќе биде преку сигнал на копче.

Националната платформа е спремна, тврди министерката

Тимс интеграцијата на националната платформа профункционирала, а наставниците со своите одделенија вчера и денес работат на подготовка на утрешниот ден и училишната година, вели Царовска. Таа истакна дека 30 национални и 1.600 училишни обучувачи ја завршиле обуката за плафтормата, додавајќи дека сега има воспоставен систем на луѓе кои имаат технички вештини.

„Тоа овозможува тие тековно да го надградуваат своето знаење и да го пренесуваат на своите колеги, во еден систем што е организиран и навистина тоа ни дава можност, да понатаму да ги надградуваме нивните вештини и тие да се искористуваат како ресурс во образовниот процес, се со цел во континуитет одиме кон дигитализација на образованието, а со тоа и модернизација на образовниот процес“, посочи Царовска.