Алармантна состојба: Вртоглаво расте бројот на заразени и починати

Статистиката на здравствените власти покажува дека во државава моментно се активни 2450 случаи на заболени од Ковид-19, а хоспитаизирани се вкупно  368. Од почетокот на епидемијата досега се дијагностицирани 18.363 случаи, бројката на оздравени пациенти е 15 164, а починаа 749 лица.

Здравствените институции прават детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците за да се утврди точно начинот на трансмисија на вирусот Ковид-19 во повеќе градови во државава, откако вчера беше објавено дека во претходното деноноќие се регистрирани рекордни 225 новозаразени.

По вонредниот состанок на Комисијата за заразни болести министерот за здравство Венко Филипче информираше дека врз основа на деталната анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците ќе се знае дали се потребни некакви мерки кои што би ги препорачале понатаму до Владата. Засега не се размислува за враќање на мерките за ограничено движење на граѓаните.

-Уште еднаш апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките. Очигледно дека сме пред почеток на една новонастаната есенска ситуација, којашто ја очекувавме. Ќе има дополнителни мерки доколку има зголемен број заразени. Но, точната анализа на епидемиолошките прашалници ќе ни укаже на тоа која од мерките треба да ја препорачаме и во кој временски период, изјави Филипче.

Меѓу мерките што се споменуваа во изминатиот период се намалување на времето на работа на угостителските објекти или ограничување на бројот на маси, а одлука за такви или други мерки ќе има викендов.

-Има уште неколку мерки коишто ги најавивме, но сакаме да се точно димензионирани и да ги препорачаме според оние податоци коишто ќе ги добиеме. Во текот на викендов ќе работиме, па ќе излеземе со соодветни препораки, рече министерот.

Според него, вчерашниот број на новодијагностицирани во целата држава загрижува поради тоа што просекот е повисок во однос на претходните денови.

-Во таа смисла, Комисијата за заразни болести овој викенд детално ќе ги проверува анкетните прашалници, за да се утврди начинот на трансмисија во секоја општина или град во државата, па врз основа на тоа во следните денови, на почетокот од идната недела да бидеме подготвени да препорачаме мерки, согласно начинот на пренесување на вирусот. Тие мерки мора да бидат соодветни, ги најавивме на почетокот на септември, бевме свесни дека ни доаѓа есенски перид во којшто може да има зголемен број на дијагностицирани, што сега практично се случува, истакна министерот Филипче кој синоќа беше во посета на Кочани, општина каде изминатите две недели беа регистрирани повеќе позитивни лица на вирусот нови мини кластери во некои институции, текстилни фабрики, но и меѓу здравствени работници и вработени во градинките.