Инфо +
“Татко ми го осудија 15 години затвор, ама јас сум и секогаш ќе бидам, син на ХЕРОЈ “
Никола ЃОШЕВСКИ, син на Горан ЃОШЕВСКИ осуден на 15 години затвор за настаните од 27 април, со говор на протетсот на ВМРО-ДПМНЕ:
Многумина од вас не ме познаваат, ќе се запрашаат и ќе се зачудат зошто вечерва токму јас сум еден од говорниците кој има можност да зборува овде пред вас.
Mоето обраќање вечерва овде пред Вас е за уставобранителите, за жртвите од политичкиот прогон, за нашите пријатели и другари, за нашите блиски, за нашите и вашите семејства, а воедно и за мојот татко, професионален полицаец кој исто така е еден од многуте невини жртви на овој политички прогон и срамен судски процес.
Токму денес, кога добив можност да ви се обратам Вам на оваа болна тема, случајно или не, е роденденот на мојот идол, на мојот татко кој веќе 2 години ја отслужува срамната пресуда за 27 април.
Срамно и жално е што не само јас и моето семејство, туку и останатите осудени и нивните семејства се жртви на овој политички прогон и монтирани судски случаи. Мене како млад човек, во 21 век, во современо општество и демократска Република Македонија, за каква што се изнаслушавме овие години, срам ми е воопшто и да ги наречам овие судски предмети. Овие таканаречени предмети немаат ништо заедничко со правда, правдина и човекови права. Нашите семејства беа и се уште се омаловажени, стигматизирани, ставени на маргините на општеството, отпуштани од работа, па дури некои и со образложение дека не се подобни за извршување на работните задачи.
Од осамостојување на Република Македонија, до тој фамозен 27 април 2017 година, малку луѓе имаа храброст, но и чест да облечат униформа, полициска или воена. Токму мојот татко Горан Ѓошевски, неговите колеги Митко Пешов, Оливер Радулов, и многу други, повеќе од 25 години беа секогаш на браникот на татковината и одлучно беа исправени и се носеа со секакви предизвици за да го сочуваат, мирот, територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија, честопати ставајќи го својот живот на коцка, па така и тој ден, 27ми април 2017година. Затоа како награда за нивната поданост кон државата добија казни по 15 години затвор.
Слободно можам да кажам дека овие луѓе, овие храбри луѓе, овие уставобранители, се најголемите жртви на политички прогон во поновата историја на независна Република Македонија. Овие луѓе се осудени само заради тоа што професионално си ги извршувале работните задачи и затоа што си ја сакаат својата татковина, својата Македонија.
Осудени како терористи на над 200 години казни затвор без ниту еден релевантен и материјален доказ, малтретирани на контроверзни, долги и исцрпувачки рочишта кои траеа и повеќе од 10 часа секој ден во неделата, по што на крајот следеше претходно најавуваната срамна политичката пресуда.
Во контекст на ова, верувам дека голем дел од вас ја познаваат македонската историја и сличните вакви случувања во минатото. Очигледно историјата се повторува и ќе цитирам една изјава на Методија Андонов Ченто, „Верував во се, но не верував дека Македонците ќе ми судат за Македонија“.
Исто така, морам да го напоменам следново, знам и свесен сум дека нашите блиски кои сега невини лежат робија, немаа доволно голема политичка тежина за да тргуваат и за својата слобода, и токму затоа нивната вистина не беше интересна и потребна на власта. Ама затоа тие што ја имаа таа „тежина“, клучната и добропознатата 8-ка, е токму тие во Собранието си ја купија слободата, извршија предавство на сите нас, извршија предавство на Македонија, извршија предавство на сите жртви на политички прогон. Нормално како награда на тоа тие си добија ослободителни пресуди, милионски тендери, иселенички визи, вработувања на цели фамилии, пари, функции и што ли уште не.
Оттука, ќе си земам за право овде вечерва, од оваа говорница, во име на сите засегнати со овој случај, да побарам од судиите, вистинска и неселективна правда и непристрасно судење според ФАКТИТЕ и ДОКАЗИТЕ.
Барам Апелациониот суд да се издигне над политиката и да ја исправи оваа неправда која уништува човечки животи и менува човечки судбини. Но, доколку тоа не се случи, ние правдата за нашите блиски сигурно ќе ја бараме и ќе ја добиеме во Стразбур, а Република Македонија поради ова ќе биде држава која ќе претрпи огромен срам.
На крајот, би сакал уште еднаш да кажам дека мојот татко е осуден на 15 години затвор. Баш поради оваа нова реалност, каде очигледно дека невиноста и вистината немаат вредност, професионални полицајци и уставобранители се прогласени за терористи, ама јас сум и секогаш ќе бидам, син на ХЕРОЈ.
Балкан
Евростат: Албанија предводи во намалувањето на населението на Западен Балкан
Според најновите податоци на Евростат за населението на земјите-кандидатки за членство во ЕУ, Албанија бележи најголемо намалување на бројот на жители во регионот. Во 2025 година, официјалното население на земјата изнесувало 2.363.314, што претставува намалување од околу 27.628 лица во една година, или 1,2 проценти – речиси два до три пати повеќе од другите земји на Западен Балкан.
За споредба, намалувањето на населението во Македонија изнесува 0,2%, во Босна и Херцеговина 0,3%, во Србија 0,6%, а во Црна Гора 0,1%. Во просек, во другите четири земји-кандидатки населението се намалува за околу 0,3%, додека во Албанија ова намалување е речиси четирипати поголемо.
Главен фактор за брзото намалување е високата емиграција, особено кај лицата под 30 години, кои заминуваат за подобри плати и услови за работа во земјите од ЕУ. Албанскиот весник Монитор истакнува дека овој тренд се зголемил по либерализацијата на европскиот пазар на труд и потребата за работна сила во земји како Германија.
Паралелно со тоа, Албанија бележи и најниска стапка на наталитет во својата транзициска историја – околу 1,2 деца по жена во репродуктивна возраст, што е меѓу најниските во Европа. Младите парови го одложуваат основањето семејство поради економска несигурност, високи трошоци за одгледување деца и емиграција на дел од партнерите.
Овие податоци укажуваат дека Албанија се соочува со демографска криза која може да има долгорочни економски и социјални последици за земјата.
Свет
Украина добива 90 милијарди евра – ЕУ: Русија ќе ги плати парите
Лидерите на Европската Унија постигнаа договор за одобрување на бескаматен заем од 90 милијарди евра за Украина, со кој на Киев му се обезбедува финансиска стабилност за наредните две години. Според договорот, кредитот ќе започне да се враќа дури откако Русија ќе исплати репарации за штетите предизвикани од инвазијата.
Одлуката се толкува како јасна политичка и финансиска порака дека трошокот за обновата на Украина на крајот ќе падне врз агресорот, додека Европа презема улога на гарант за функционирањето на украинската држава во услови на војна.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека договорот испраќа три јасни пораки: дека Русија не ги остварила своите цели, дека Европа останува цврсто со Украина и дека Москва мора да се врати на преговарачката маса. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека целта е постигнување праведен и траен мир, а средствата се наменети за покривање на најитните буџетски потреби на Киев.
Првичната идеја заемот директно да се финансира од замрзнатите руски средства беше изменета поради резервите на Белгија, каде што се чува најголемиот дел од тие пари. Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека средствата остануваат замрзнати и дека на крајот ќе бидат искористени за обнова на Украина, нагласувајќи дека никој во ЕУ не сака тие пари повторно да се вратат во Москва.
За да се обезбеди консензус, Словачка, Унгарија и Чешка беа изземени од каква било одговорност поврзана со отплатата на заемот, со што беше избегната можна блокада на одлуката.
Паралелно со европските финансиски чекори, САД интензивираат дипломатски активности. Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина побрзо да се движи кон мировен договор, предупредувајќи дека одложувањата носат огромни човечки загуби. Тој изјави дека секој месец гинат илјадници војници и дека постои опасност Русија да ја смени позицијата доколку процесот се развлекува.
Во рамки на таканаречениот ревидиран мировен план, викендов во Мајами се очекува средба меѓу претставници на администрацијата на Трамп и советник на рускиот претседател, по неодамнешните разговори на американските пратеници со украински и европски претставници во Берлин.
Балкан
Евзони под постојани блокади: Патувањето кон Грција неизвесно поради протестите на земјоделците
Граничниот премин Евзони повторно е затворен за сообраќај во одредени периоди од денот поради продолжените блокади на грчките земјоделци, што создава сериозни проблеми за патниците и транспортните компании. Како и во изминатите денови, така и денеска, во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, сообраќајот беше целосно во прекин за влез и излез од Грција кон нашата земја.
На грчката страна на границата веќе 19 дена се стационирани над 300 трактори на земјоделци од областа Пеонија и од градот Јаница. Блокадите се спроведуваат секојдневно, а во последните денови главно во попладневните часови. За време на четиричасовните блокади, сообраќајот е прекинат за сите видови возила – патнички и товарни, со исклучок на итни случаи.
Според грчките медиуми, блокади се најавени и на граничниот премин Ники (Меџитлија), каде што товарните возила нема да можат да сообраќаат во период од 19 до 23 часот по локално време, додека за автомобилите прекинот ќе трае два часа, од 20 до 22 часот. Слични ограничувања има и на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, како и Кипи кон Турција, каде што блокадите се однесуваат исклучиво на камионскиот сообраќај.
Протестите не се ограничени само на граничните премини. Во централна Грција, кај Лариса, земјоделците планираат повремено затворање на споредни улици, додека автопатот Солун–Атина е затворен веќе 20 дена. Кај Солун, блокадата која досега беше само во правец кон Атина, од денеска ќе се прошири и во спротивниот правец и ќе трае најмалку пет дена.
И покрај пораките од земјоделците дека не сакаат да им создаваат проблеми на граѓаните за време на божиќните празници, тие најавуваат продолжување и заострување на протестите. На последниот состанок, со учество на претставници од над 50 блокади низ цела Грција, одлучено е активностите да продолжат, а уште еднаш е одбиен повикот од грчката Влада за дијалог.
Протестите започнаа на 30 ноември со над 60 блокади низ државата. Земјоделците бараат итна исплата на сите заостанати долгови од државата, гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство, намалување на производните трошоци, надомест на загубите за 2025 година, како и запирање на масовниот увоз и лажното прикажување на странски производи како домашни. Дополнително, тие бараат двојно зголемување на земјоделските пензии и целосно расчистување на скандалот со европските земјоделски субвенции, со враќање на средствата кај вистинските корисници и утврдување политичка и кривична одговорност.
Иако министерот за земјоделство на Грција, Костас Циарас, најави можност за нови мерки и упати повик за дијалог, земјоделците засега остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети.
Трендинг
-
Црна Хроника7 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника7 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника4 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника7 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република4 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Црна Хроника5 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Македонија4 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците
-
Црна Хроника3 days agoПолициска акција во Штип: Лишени од слобода неколку полицајци















