Лаптопи во Македонија нема ни за лек, освен од најскапите

Компјутерот на ќерка ми се расипа неколку дена пред одложениот почеток на учебната година. Токму затоа, решивме да купиме нов затоа што ќе ѝ биде неопходен за учење. Но, лаптоп немаше никаде – вели еден родител.

Но, покрај родителите, со овој проблем се соочуваат и наставниците и професорите кои треба да ја одржуваат онлајн наставата. На голема мака се наставниците и професорите кои во домот имаат само еден лаптоп, а исто така имаат деца кои треба да ја следат наставата преку тој уред.

– Ни беше речено дека училиштето ќе ни обезбеди лаптоп за да можеме да држиме настава, но тоа не се случи. Сега морам да го користам приватниот лаптоп, а истиот му е потребен и на мојот деветгодишен син, кој исто така треба да ја следи наставата онлајн. Баравме да купиме, но не можевме никаде да најдеме, сите што беа останати се над 40.000 денари, а оние со пристапна цена и солидна конфигурација веќе одамна се продадени – ни изјави Марија К., професорка во едно скопско средно училиште.

Министерството за образование и наука пред стартот на учебната година на 1 октомври, сподели информација дека околу 40.000 ученици немаат соодветен ИТ-уред да ја следат наставата онлајн, па поради тоа за нив ќе биде часовите ќе може да ги следат на Македонската радио-телевизија, на која секој ден ќе бидат прикажувани 15-минутни сегменти за секој наставен час. Часовите ќе почнуваат во 8.30 часот по утврден распоред за секое одделение, подготвен од Бирото за развој на образованието.