40 000 дози вакцини против грип ќе пристигнат на крај на месецов

Од министерството за здравство велат дека 40 000 дози четиривалентни вакцини ќе пристигнат до крајот на месецов, откако и официјално е финализиран договорот со фирмата, која била единствен понудувач на тендерот за набавка на вакцини

Иако традиционално овој период од годината беше наменет за вакцинацијата против сезонскиот грип, годинава имунизацијата ќе почне подоцна, односно најверојато на крајот од месецот. Од Министерството за здравство нема детали зошто се доцни, но уверуваат дека вакцинацијата ќе почне во текот на месецов.

„Економскиот оператор Елбијор беше единствениот понудувач, а во петок на 02.10.2020 беше финализиран договорот во однос на тендерот за набавка на вакцините. Вакцинацијата ќе започне во текот на октомври, согласно препораките“, уверуваат од Министерството за здравство.

За претстојната вакцинација против сезонски грип 2020/2021 година, ресорото министерство ќе набави 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип за бесплатна вакцинација и 4000 дози за комерцијална употреба.
На сметка на државата со четиривалентна вакцина ќе можат да се имунизираат лицата над 65 години, оние кои имаат хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата од 6 месеци до 5 години.

Сепак, матичните лекари се уште не добиле термини за почнат да ги закажуваат заинтересираните пациенти, ниту пак упатства како ќе се реализира целиот процес во време на пандемијата на Ковид-19.

„Кога е во прашање вакцинацијата против сезонскиот грип сите релевантни институции вклучени во процесот треба да бидат максимално одговорни, на ниво на задачата и да не дозволат задоцнувања особено кај имунизацијата на постарите и хронично болните. Оваа популација веќе е навикната на почетокот на октомври да ја примат дозата. За жал за мене е несфатливо како може да се допушти во време на пандемија од ковид 19 да се доцни со имунизацијата против грипот“, вели матичниот лекар Илир Љума.