„Патот на cмpтта“ жителите на Трубарево и Петровец денес на протест

Патот на смртта“, вака го нарекуваат лоалниот пат Трубарево-Петровец тамошните жители. Причината е јасна, брзото возење, управувањето автомобили под дејство на алкохол како и бројот на жртви на овој патен правец. Преку социјалните мрежи жителите на Трубарево, Јурумлери, Петровец, како и останатите граѓани за денес во 17 часот се организираат да излезат на мирен протест. Тие од надлежните со години бараат на ова место на кое како што велат е населено места, а се вози како по автопат, да биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација и зголемена полициска контрола, а и измени во Законот за сообраќај, односно сообраќајките со жртва да се третираат како убиство со умисла. 

Пред неколку дена кај Трубарево пијан возач усмрти 10 годишно дете кое стоело на автобуска постројка и 40-годишен маж кој по улицата се движел со мопед. 

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против возачот кој е на возраст од 72 години и е осомничен за кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 72-годишник, на 11 октомври, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи патничко моторно возило БМВ со скопски регистарски таблици во село Трубарево, во насока од исток кон запад, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Имено, тој постапил спротивно на член 228 став 1 и член 33 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па возилото го управувал во алкохолизирана состојба со содржина на алкохол во крвта од 1,78 промили и содржина на алкохол во урина 2,43 промили.