Казните напишани за време на полицискиот час нема да важат, вака одлучи Албанија

На албанските граѓани ќе им бидат вратени парите што ги даваа за казни за време на полицискиот час, како и одземените лиценци за работа, возачки дозволи и возила

Албанската влада донесе одлука со која од овој 15 на граѓаните ќе им бидат вратени парите за казни, одземените лиценци за работа, возачки дозволи и возила – санкции што биле изречени во период на пандемија поради непочитување на пропишаните мерки.

Нормативниот акт предвидува простување на сите административни мерки од казнена природа, изречени од релевантните државни органи за кршење на правилата или подзаконските акти издадени во рамките на мерките преземени за спречување и борба против ковид-19, од 17 април до 7 октомври годинава, пренесува МИА.

Исто така, им се простуваат сите административни мерки издадени од структурите на единиците на локалната самоуправа на семејствата погодени од природни катастрофи, односно земјотресите од 21 септември и 26 ноември 2019 година, за откриени прекршоци при реконструкција на индивидуални куќи.

Одлуката е донесена по предлог на министрите за внатрешни работи Сандер Лешај, за финансии и економија Анила Денај и за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу.