ВЛАДАТА ПРЕСЕЧЕ: Кафани, кафичи, ресторани до 23 часот – Во автобус само ако е под 50% полн

Владата на седницата која ја одржа денеска донесе одлуки и нови мерки со цел справување со коронавирусот, дознава ТВ21. Меѓу нив, онлајн работа на државни и јавна администрација, автобуси со половина капацитет да возат и работата на економските субјекти да заврши до 23 часот.

-Препорака до цела државна и јавна администрација до ошпштините и судовите согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени, редуцирано или онлајн од дома

-Автобусите да возат со 50% намален капацитет

-Сите економски субјекти да работат до 23 часот

Инаку денеска во Собранието не се расправаше по предлог измените на законот за заштита на населението од заразни болести.

Владата на денешната 13-та седница ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести за ограничување на работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака, како и за ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Како што соопшти владината Прес-служба, на седницата е прифатена и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да ја организираат работата во смени или онлајн од дома или пак редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.

– На оваа седница Владата ја прифати препораката на Комисијата да се одложи атлетската трка „23 Oктомври“ во Скопје, како и да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината, се наведува во соопштението.

Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата го одобрила и Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со КОВИД-19.

– На денешната седница Владата го утврди Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење со кој се предвидува изградба на посебен вид на градби односно модуларни градби за здравствена дејност, чија изградба е финансирана со средства од Буџетот на Република Македонија или со средства од Европската Унија, односно друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот КОВИД-19, се наведува во соопштението.