Младите сакаат да се иселат, причините не се само парите

Трендовите за напуштање во последните години се и од неекономски причини – им пречи загадувањето, политиката, корупцијата, а во време на отворен свет и кога нема бариери за миграции, младите лесно си одат без да се двоумат. За бројот на иселени од државата нема статистика, туку претпоставени бројки и затоа беше потенцирана важноста од пописот кој не е организиран од 2002 година. Според Светска банка, во последните десет години половина милион граѓанин се иселиле од земјава, од кои најголем дел се млади

Не е само подобрата работа и парите причина за иселување на младите од државата. Трендовите за напуштање во последните години се и од неекономски причини – им пречи загадувањето, политиката, корупцијата, а во време на отворен свет и кога нема бариери за миграции, младите лесно си одат без да се двоумат.

Иако имаме Национална стратегија за соработка и спречување на одливот на млади и висококвалитетни кадри 2013-2020, таа не се спроведува, покажува анализата на Мрежата за спречување на одливот на мозоци – составена од седум граѓански организации кои работат на различни области поврзани со развојот на младите, младинските политики и права и младинското информирање.