Отвореното море стана сцена на меѓународна драма откако американските сили извршија заплена на огромен танкер под санкции, што предизвика жестока дипломатска бура и најави за жалба пред меѓународните институции од страна на Венецуела.
Во акција која изгледаше како сценарио од холивудски блокбастер, американски воени хеликоптери со вооружени командоси се спуштија со јажиња на палубата на бродот, што беше потврдено со снимки објавени од американските служби. Десет маринци, десет припадници на Крајбрежната стража и специјални единици полетаа од воениот брод „Џералд Форд“ распореден во Карибите за да ја извршат мисијата.
Реакцијата од Каракас беше бурна. Министерот за внатрешни работи, Диосдадо Кабељо, не ја штедеше острината, нарекувајќи ги САД „убијци, крадци, пирати“.
„Џек Спероу таму е херој, но овие типови се вистински криминалци на отворено море,“ саркастично порача Кабељо, повикувајќи се на филмот „Пиратите од Карибите“.
Претседателот Николас Мадуро додаде: „Ова е меѓународно пиратство. Венецуела никогаш нема да стане нафтена колонија.“
Венецуелската влада соопшти дека ќе ја брани својата сувереност, природните ресурси и националното достоинство „со апсолутна решителност“.
Од друга страна, претседателот Доналд Трамп со доза на триумф ја потврди акцијата, истакнувајќи дека станува збор за „многу голем танкер, најголем досега“ запленет од САД.
На прашањето што ќе се случи со запленетата нафта, Трамп беше директен: „Мислам дека ќе ја задржиме.“
Јавната обвинителка Пем Бонди ја опиша операцијата како заедничка акција на ФБИ, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешна безбедност и Крајбрежната стража, објаснувајќи дека бродот превезувал санкционирана нафта од Венецуела и Иран.
Компанијата „Вангард“ го идентификуваше бродот како „Скипер“, кој според нивните податоци, долго време ја лажирал својата позиција. Танкерот е под американски санкции уште од 2022 година поради наводна вмешаност во нелегален шверц на нафта за Хезболах и Исламската револуционерна гарда.
Локацијата на заплената не е откриена, но овој инцидент е прв од ваков вид за венецуелска нафта од воведувањето на санкциите против Каракас во 2019 година.