Италија им плаќа на сите кои сакаат да живеат во ова село, но постои еден услов

Санто Стефано ди Сесанио мало село во областа Абруцо во јужна Италија се обидува да ги охрабри луѓето да се преселат и да работат таму. Договорот вклучува месечна плата за првите три години, до вредност од 8.000 евра годишно, пишува Си-Ен-Ен. Покрај тоа, оние кои ќе изберат да живеат и да започнат бизнис што ќе и помогне на локалната заедница, ќе добијат еднократен грант од 20 илјади евра.

Единствениот услов е дека апликантите мора да можат да станат италијански државјани и да бидат помлади од 40 години. Покрај тоа, тие треба да живеат таму најмалку пет години. Понудата не е иста со онаа за евро што се рекламира во Италија, вели градоначалникот Фабио Сантавика. “Ние не продаваме ништо на никого – ова не е деловен потег. Ние само сакаме да му овозможиме на селото да продолжи да живее”, рече тој за Си-Ен-Ен Травел.

Во моментов, таму живеат 115 лица, а повеќе од половина од населението се пензионери, додека има помалку од 20 деца под 13 години. Повеќе од 1.500 лица се пријавиле откако е објавена понудата претходно овој месец, но среќните апликанти најверојатно ќе бидат млади парови, вели Сантавика.

Понудата трае до 15 ноември.