Со 6.000 денари ваучер ќе можат да пазаруваат само во дуќани кои ќе ги избере Владата, до 25 декември

Во Собранието стаса законот за финансиска поддршка на граѓаните – предвидува на сметка да добијат по 6.000 денари граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. Конечната листа кој се ќе добие помош сепак ќе ја изготвуваат неколку институции, а ќе биде објавена на kupuvamdomasno.mk откако Законот ќе биде изгласан во Парламентот и ќе биде објавен во Службен весник. Кога ќе се стаса со ова законско решение е непознато, затоа што материјалот само што е пратен во собраниските служби, но во него стои дека парите кои ќе ги добијат граѓаните ќе треба да ги потрошат до 25 декември годинава.

Фактор ви открива детали од законот – парите ќе легнуваат на сметка во банка во коjа физичкото лице има постоечка трансакциска сметка и која во рок од пет дена од денот на влегување во сила на овој закон потпишала договор со Владата. Ако нема сметка во банките кои со Владата потпишала договор тогаш лицето добитник, на помош ќе треба да отвори сметка во таква банка.