Д-р Чепреганов: Мерките се вo ред, грешката е во нас


Одговорност за ситуацијата и консултации, бидејќи „јас мислам“ и „ние мислиме“ е различно. Тоа му фали на мојот народ, вели проф. д-р Методи Чепреганов во разговор за МКД.мк. Немањето самодисциплина, тоа што секогаш бараме дупка или заобиколен пат да го изиграме законот, правото, како и подмитливоста се дел од, како што ги нарекува „фалинките“ на народот и генерално и во контекст на кризата со коронавирусот. „Ние сѐ правиме за да се уништиме, никој не чита, затоа што ‘сите знаат сѐ‘, тоа е проблемот“, вели Чепреганов, за МКД.

Како да го надминеме она што сега ни се случува со коронавирусот, страв, верување, па неверување, иако луѓе секојдневно умираат? Се работи за ментален склоп или за нешто друго?

Нам ништо не ни се случува. Сѐ што ние правиме, правиме сами, ние сме креатори на ова што ни се случува. Нам никој не ни го наметнува, тоа е резултат на нашиот ментален склоп, на нашето однесување и на тоа како сме „скроени“.

За да се разбере подобро морам да се осврнам на научното објаснување дека мајката природа нè создава сите овде на мајката планета Земја, со една 10-отстотна интелигенција што се вика когнитивна или рационална. Тоа го носиме со нашето раѓање. Во тој живот нашето постоење (морам да го кажувам поедноставено, за да разбере народот, бидејќи бев шокиран кога разбрав дека 53 отсто од нашиот народ има завршено само четврто одделение) има 4 закони на природата. Првиот се вика хомеостаза, што значи биолошка рамнотежа меѓу психата и телото. Ако се поремети, одиме во болест. Вториот закон на мајката природа се вика апоптозис, што значи програмирано стареење и умирање на нашите клетки.

Третиот фактор е најбитниот и тука лежи проблемот на македонскиот човек. Тоа е матурација или созревање. Тоа значи дека секое живо битие на земјата се раѓа, созрева до одреден степен и почнува да старее. Матурација значи инкорпорација на најмалку шест параметри што треба да ги „ставиме“ во нас за да станеме зрела личност. На прво место е воспитанието од најблиските во семејството. Ако сте имале мајка што имала емпатија, љубов и знаела да се смее со вас, вие цел живот ќе се смеете. Ако сте имале мајка психопат, карактеропат и била намуртена, и вие ќе бидете цел живот намуртени.

Значи воспитанието е фундаментот на иднината на една личност. Третиот фактор му фали многу на македонскиот народ, а тоа е образованието, едукација, учење, резервоарот на знаење што треба да го акумулирате во текот на животот за да стекнете и знаење и искуство. Воспитанието и знаењето ја креираат личноста карактерот на човек, а по нив доаѓаат уште морални, етички, духовни и социјални норми.

Тоа му фали на мојот народ, со исклучоци. Јас велам дека 20 отсто од македонскиот народ има заробен ум, заробен во минатото. Иднината е животот. Има три ментални склопа, едниот е личен профил на секој од нас, вториот е профил на една нација, народ и третиот е профил таканаречен цивилизациски. Но тој еден бил во стариот век, друг бил во средниот век и трет е сега. Сега пак, со ковидот комплетно се менува перцепцијата во светот, бидејќи има животозагрижувачки фактор, за кој огромен дел од луѓето не се свесни, бидејќи таков е менталниот склоп.