Ангелов: Нема потреба од паника во моментот, болеста е под контрола

Доколку се зголеми бројот на болни и притисокот врз болничките капацитети, приморани сме да ги користиме капацитетите на приватните здравствени установи и откако ќе го прифатиме нацрт-договорот, ние како Главен штаб ќе донесеме одлука за ангажман на приватните здравствени установи за поддршка на јавното здравство. Потоа се склучуваат формалните договори околу начинот за исплата на трите приватни здравствени установи „Ремедика“, „Систина“ и Клиниката Жан Митрев, информира на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, склучувањето на договорите со приватните здравствени установи во случаи на итна потреба може да се заврши за неколку часа, но во овој момент, потенцира, нема потреба од паника бидејќи показателите што доаѓаат од Комисијата за заразни болести зборува дека болеста е под контрола, без разлика на тоа што бројките се релативно високи, ако ги споредиме со соседството, со Балканот и со други европски земји, ќе видиме, рече, дека нашите бројки се стабилни.

– Или имаме многу благ раст или воопшто нема раст во одредени денови, така што може да проектираме дека во следните неколку денови, ќе имаме доволно болнички капацитети и секој пациент ќе биде згрижен во некој од ковид центрите низ државата, изјави Ангелов.