Просечната плата 27.588 денари, за просечна сиромаштија ?

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2020 година, изнесувала 27 588 денари.
Додека пак просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во ноември 2020 година, изнесувала 41 141 денар.

Според ДЗС индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, изнесува 107.0.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (11.2 %), Дејности на здравствена и социјална заштита (11.2 %) и Образование (9.5 %). Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (4.1 %), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (3.6 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна  (3.4 %), стои во соопштението од ДЗС денеска.

Иако просечната плата според ДЗС стигна во нето износ 27.588 денари, а во бруто износ од 41.141 денар по вработен, сеуште нема податок колку изнесувала стапката на сиромаштија во земјава за 2020 година, која во 2019 година беше 21,6%. Односно 455.600 лица во Македонија според последните податоци живеат на прагот на сиромаштијата.