Рамковните вработени кои со години не одат на работа, имаат рок 7 дена да се појават

Првиот вицепремиер Артан Груби денеска соопшти дека 1.349 службеници вработени по Охридскиот рамковен договор до крајот на јануари ќе започнат со работа во новите институции во кои се распределени. Груби вели дека тие веќе нема да имаат право да пребираат друго работно место, туку ќе им биде понудена единствена опција.

„Ако по било кој основ било кој од нив не дојде да го земе решението во рок од седум дена му се прекинува работното место“, истакна Груби.

Тој ги наброи некои од институциите каде овие лица ќе бидат прераспределени, а најголем дел ќе бидат вработени во МВР, Управата за јавни приходи, Државното правобранителство и во Царинска управа.

Овие 1.349 лица се распределени во Агенцијата за вработување – 20, во Агенција за заштита на лични податоци -30, Агенција за храна и ветеринарство -10, Агенција за катастар -29, Влада – СОЗР -12, Дирекција за заштита и спасување -10, Државен архив -12, Државен завод за статистика -15, Државен инспекторат за труд -12, државно правобранителство -74, ЈП Државни патишта -10, Клиничка болница Тетово -25, Болница Куманово – девет, Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар осум, МВР – 143, Државен пазарен инспекторат – 35, МЖСПП пет, Министерство за земјоделство – 21, МИОА – 11, МНР – 26, МОН – 11, Управа за водење на матични книги – 41, Министерство за транспорт и врски – 10, во МФ – 25, во имотно – правни – 10, во УЈП – 92, во Царинска управа – 74, Основен суд Тетово – 10, ЈО Тетово – 10, ПИОМ – 13, ФЗО – 22, ЦУК – 24 и итн.

Тој нагласи дека во овој план нема само Албанци, туку има и Македонци, Срби, Роми, Бошњаци итн. На прес-конфереција соопшти дека листата на лица кои не беа распределени на работни места е прочистена, дека се направени претходни проверки и веќе се доделени некои отказни решенија, а некои лица сами поднеле барање да им се раскине договорот.

Во однос на иселените лица, Груби вели дека направена е претходна проверка по однос на тоа прашање и веќе се доделени отказни решенија, а некои од тие луѓе и самите побарале да им се прекине работниот однос.