Деновиве трговските компании се стигматизираат со објавените износи на остварените добивки во 2023 година, кои не се за потценување. Сепак, сумите сами по себе не значат ништо. Треба да се стават во однос со ангажираниот капитал, вкупниот обрт и сл., за да се добијат стандардизирани показатели за нивните перформанси.
Баучот на бојкоти кружи над Балканите, поточно над делови од поранешната СФРЈ. Луѓето се незадоволни од високите цени во маркетите.
Со помош на моќта за мобилизација што ја пружаат социјалните мрежи и медиумите, ќе се обидат да ги вразумат „алчните трговци“, откако тоа не им успеа на владите во нивните земји коишто во изминатиот период те замрзнуваа цени на одредени производи, те ограничуваа маржи, „плетеа“ разни пригодни кошнички, пуштаа инспекции кои понекогаш „удираа“ казни на поедини трговци, се закануваа и убедуваа и што ти не!
Откако речиси ништо од тоа не помогна, сега силата на купувачот ќе се демонстрира со – некупување! За еден ден. Да се пратело порака кон алчните трговци кои „се богателе на грбот на народот“.
Станува збор за нов феномен, нова форма на изразување револт за одреден проблем од воведувањето на демократијата на овие простори. По осамостојувањето во раните 90-ти години од минатиот век македонската економија помина низ повеќе кризни ситуации, а во летото 2008 година се соочи со висока инфлација, како резултат на наглото зголемување на цените на храната и енергијата на светските берзи.
Сепак, во следните неколку месеци инфлацијата се смири на ниво кое граѓаните не го чувствуваа. Нивниот животен стандард ни оддалеку не беше задоволителен, но никој не вперуваше прст во трговците, кои веројатно и тогаш биле „алчни“ за што поголема заработка. Но имало нешто што ги ограничувало во можноста за енормно и „неоправдано“ зголемување на цените, особено тие на основните животни продукти. Што би можело да биде тоа?
Ценовната стабилност продолжи сé до економската криза што ја предизвика пандемијата со ковид-19. Како и насекаде во светот, и македонската влада интервенираше со буџетски средства за поддршка на одредени сектори и ранливи групи од населението кои беа најмногу погодени. Инфлацијата се врати на голема врата, а во Македонија во 2022 година достигна 20%.
Претходната влада дополнително ја подгреваше инфлацијата со популистички мерки за зголемување на платите преку ад хок зголемувања на минималната плата, со што започна трката плати-цени која сè уште трае. Зголемувањето на платите и пензиите не беше следено со пораст на продуктивноста во економијата, што директно влијае на повисоки стапки на инфлација. Монетарната политина на НБРМ подолг временски период не беше фокусирана на сузбивање на високата инфлација, а од друга страна буџетските дефицити значително го надминуваа прагот од 3% од БДП.
Наспроти ова, вината за високите цени во малопродажбата веќе подолг временски период се насочува кон трговците. Во пазарна економија цените се формираат, по правило, како резултат на понудата и побарувачката. Исклучок се состојби во кои некои субјекти имаат доминантна положба и оттаму цените на нивните производи или услуги подлежат на регулација, каков што е случајот со електричната енергија, нафтените деривати, телекомуникациските услуги, комуналните услуги на локално ниво и сл.
Друг проблем со слободното формирање на цените може да претставуваат разните форми на картелско однесување, но тоа треба да се докаже од страна на надлежен орган, Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во јавноста многу лесно, дури и од експерти, се даваат паушални оценки за наводно картелско однесување во нашата трговија на мало и со тоа се оправдуваат разните предлози за притисок врз трговците за намалување на цените, кој, како што гледаме, не дава резултати.
Дури и една површна анализа на структурата во трговијата на мало во регионот, гледано според бројот на субјекти (трговски синџири) кои се релативно изедначени според прометот, остварениот профит, бројот на вработени и сл., укажува дека во Македонија постојат посоодветни услови за конкуренција во дејноста. Во некои од земјите од поранешната СФРЈ (Хрватска, Србија, БиХ и Црна Гора) доминираат два до три трговски гиганти, а со тоа можноста за злоупотреба на доминантната позиција на штета на потрошувачите е значително поголема.
Деновиве трговските компании се стигматизираат со објавените износи на остварените добивки во 2023 година, кои не се за потценување. Сепак, сумите сами по себе не значат ништо. Треба да се стават во однос со ангажираниот капитал, вкупниот обрт и сл., за да се добијат стандардизирани показатели за нивните перформанси.
На критичарите за наводно високите профити би им порачал: формирајте компанија и започнете со трговија на мало. Високите профити во некоја дејност во пазарна економија се магнет за влез на нови субјекти. Лесно би ги убедиле банките за кредит, доколку можноста за висок и брз профит во трговијата на мало е таква како што се претставува.
Сепак, гневот на јавноста кон трговците не стивнува. На удар се големите маркети кои со својата разновидна понуда и амбиент нашата малопродажба ја доближија до европските и светски стандарди. Утре, петок, повеќето од нив ќе бидат веројатно полупразни. Но, пропуштеното ќе го надоместат преку викендот. Бојкотот нема да реши ништо!
Проблемот со инфлациските притисоци ќе остане да тлее и понатаму, од едноставна причина што не случајно за одржување на ценовната стабилност во економијата се задолжени централните банки. Во соработка со владите, тие се единствените институции задолжени да „испорачаат“ ценовна стабилност. „Мерката“ бојкот ќе заврши како и сите досегашни обиди за зауздување на растот на цените преку административни мерки и притисоци, кои беа однапред осудени на неуспех.
Верувам дека сепак ќе се извлечат соодветни поуки и енергијата ќе се насочи кон вистински мерки за зголемување на понудата и рестрикции во потрошувачката, јавна и приватна, за да се сузбијат инфлациските очекувања што го подгреваат растот на цените,
Сепак, една работа е причина за сериозна загриженост. Ако продолжат нападите, во голема мера неосновани, кон трговските субјекти и ако тоа го засили притисокот врз Владата за носење административни мерки и прекумерна регулација на дејноста, може лесно да се случи во блиска иднина да дојде до значителна деградација во трговијата на мало. Ќе сопрат инвестициите, а не е исклучена можноста некои од маркетите да почнат со затварање на објекти.
Треба да сопре општата хистерија и тропањето на погрешна врата. Како некој да посакува реинкарнација на „Славија“ и „Центро“, „Јавор“- Битола, охридска и струшка трговија итн. Тоа нема да се случи! Не сакам да верувам дека некој сака нашата трговија да наликува на софискиот „ЦУМ“ или московски „ГУМ“ од седумдесетите години на минатиот век. Како што тргнала работата, ни тоа не е исклучено. Be careful what you wish for! Може да ти се оствари.