Чудотворните свети води во делчевското село Тработивиште

 

Месноста Света Вода е оддалечена 15-тина km јужно од Делчево, во атарот на с.Тработивиште. Самите извори се високо од десната страна на реката Брегалница. Тука од памтивек постојат 3 извори на вода. Подоцна овие извори се каптирани во чешми што никогаш не пресушуваат. За водата од овие чешми, меѓу локалното население во Делчево и регионот, постои верување дека истата има лековити и чудотворни својства, односно дека оваа вода е света, т.е. исцелителна, па затоа целата месност го добила името Света Вода. Трите извори, односно чешми се на растојание од 30 до 50 m една од друга. Најпрво, посетителите наидуваат на онаа чешма што е посветена на божјата мајка Св. Богородица, следна е водата посветена на Св. Недела, а последна е чешмата посветена на Св.Петка. Исто така, тука кај Света Вода често се служат верски обреди со свештени лица од брегалничката епархија.

За Света Вода кај селото Тработивиште познато е кажувањето на Стојан Димитров, најстариот учител од овој крај во периодот на претходниот систем на државно уредување, за извесни струмички испосници, кои имале свои ќелии во близината на Света Вода во XIII век.

Се верува дека овие свети извори, оваа чудотворна вода особено е полезна за оние што страдаат од нервни растројства, дејствува против уроци, за зацелување рани, помага кај децата кои мократ во сон, немирно спиење, а ја лечи и главоболката, го бистри умот и го јакне телото. Карактеристично е што луѓето што доаѓаат, не доаѓаат само да се измијат, туку и да наполнат вода. Од сите три извори еднакво се мие и се пие, а оние што земаат од светата вода со себе треба да знаат дека водата не се внесува во куќа, туку треба да се остави надвор (оние што имаат градина треба да ја остават меѓу цвеќиња). Откако ќе се донесе вода, болниот треба да се мие без да го поместува садот во кој таа се наоѓа и да пие од неа наутро.

Приказната вели дека во близина на село Тработивиште, оддалечено десетина километри од Делчево, сместена на брегот на реката Брегалница, во подножјето на Орлова Чука, се наоѓа месноста што од дамнина се викала Света Вода. Името, како што вели историчарот Славчо Десподов, го добила по трите извори оддалечени по десетина метри, еден од друг, од кои извира вода бистра како солза и за која се верува дека е чудотворна и дека им помага на луѓето при лекување многу болести и тегоби.

Верувањето за лековитоста на овие свети извори се пренесува од колено на колено, со генерации наназад, а меѓу населението на Пијанец сè уште постои легендата за престојот на светите браќа Кирил и Методиј во овој крај, која ја потврдуваат и записите на Јеремија Павловиќ и Јордан Иванов. Според нив, во средината на IX век овде постоела ќелија во која Кирил и Методиј живееле аскетски живот и преведувале грчки црковни книги на словенски јазик. Дека не се работи за обичен мит, туку за историска вистина, зборува и фактот дека кога се копани темелите за новата куќичка, која јасно се гледа на фотографиите, пред неколку години се откриени остатоци од стара градба за која се претпоставува дека е аскетската ќелија на Кирил и Методиј. Како уште еден доказ за ова е платото над изворите, кое мештаните го викаат Собориште и на кое се најдени остатоци од стари градби.