Идниот германски канцелар Мерц предупредува: Трговската политика на Трамп може да ја забрза новата финансиска криза.
Идниот германски канцелар, Фридрих Мерц, го изрази своето силно загрижување дека трговските политики на американскиот претседател Доналд Трамп значително го зголемуваат ризикот од нова глобална финансиска криза. Во интервју за германскиот економски дневен весник Handelsblatt, Мерц изјави дека „следната финансиска криза сигурно ќе дојде — само не знаеме кога и зошто“, пренесе Politico.
Според Мерц, агресивниот протекционизам што го води Вашингтон може да биде катализатор за криза која ќе се појави многу порано од очекуваното.
Мерц, лидер на десноцентристичката Христијанско-демократска унија (CDU), минатата недела постигна договор за формирање коалициска влада со левицата – Социјалдемократската партија (SPD), која треба да започне со работа на 6 мај. Формирањето на новата германска влада доаѓа во момент на растечки економски тензии меѓу ЕУ и САД.
Канцеларот во најавa го истакна и своето залагање за нов трансатлантски договор за слободна трговија без царини, со цел да се ублажат последиците од американските мерки. Истовремено, најави дека Германија ќе работи на нови трговски договори со земји како Канада, Јужна Кореја и Индија.
Жалејќи за неуспешниот обид за склучување на Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство меѓу ЕУ и САД во текот на 2010-тите, Мерц додаде дека Германија е отворена за увоз на американски течен природен гас.
„Европа мора да настапи единствено пред САД и да ја искористи шансата за напредок во клучните реформи“, нагласи Мерц, посочувајќи го обединувањето на пазарот на капитал како приоритет во наредните месеци. Овие ставови ги изнесе по разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер.
Мерц, исто така, делумно се согласи со ставовите на Трамп за трошоците за одбрана, истакнувајќи: „Бевме бесплатни корисници на американската поддршка“.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави 90-дневна суспензија на новите „реципрочни“ царини до 50 проценти, воведени претходно за речиси сите земји, вклучително и Европската унија. Тој посочи дека е можно да разгледа исклучоци и за 10-процентните царини за земјите подготвени да преговараат за нови трговски договори. Како одговор, Европската комисија соопшти дека и таа ќе ги суспендира своите контрамерки за истиот период.