Заев за Делчев: Бил инспиратор и двигател, оддаваме почит на неговиот историски придонес

Премиерот Зоран Заев упати честитка по повод денот кога се одбележува 149 години од  раѓањето на македонскиот револуционерен деец Гоце Делчев.

„Денеска, 4 февруари, на денот на раѓањето на великанот и инспираторот на македонското национално револуционерно дело – Гоце Делчев, се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.

Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност.

Идеалите и заложбите на овој великан се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, која денеска е дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и земја која чекори кон членство во ЕУ“, се вели во пораката упатена од премиерот.

Заев исто во една прилика како одговор на прес конференција за Гоце Делчев и прашањата за Бугарија истакна:

„Очекувам, исто така, и бугарската страна да продолжи да негува пријателски односи кон нашата земја, народите ни се блиски и пријателски, владите се блиски, сите политички субјекти блиско соработуваат и верувам дека во иднина ќе продолжиме со соработката. Мене ми е јасно дека сме застанати на историските поглавја од кои четири затворивме – Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум. Тоа е објавено и во ред, во духот на заедничката историја од минатото. Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи. И тука да нема дилема“, рече тој.

Заев исто имаше најавие во една прилика дека за прашањето за Гоце Делчев ќе разговара на средбата со Борисов што се случи пред 10 ноември во Софија, односно непосредно пред самитот на берлинскиот процес со кој копретседаваат Бугарија и Македонија, но граѓаните и јавноста не дознаа што точно беше разговарано за великанот Делчев кој Заев сега го споменува со почит.