Споменот на светилникот на црквата – Свети Јован Златоуст

Роден е во Антиохија, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја старогрчката филозофија, изразил голема одбивност кон грчкиот паганизам и ја усвоил христијанската вера како едиствена и целосна вистина. Бил покрстен од Антиохискиот патријарх Мелетиј, а потоа се покрстиле и неговите родители. По смртта на родителите се замонашил и почнал строго да се подвизува. Тогаш ја напишал книгата „За свештенството“

Прославен е заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, и бил избран по желба на царот Аркадиј за Цариградски патријарх. Со црквата управувал шест години, кои според патристиката, се одликувале со неспоредлива мудрост и ревност. Испратил незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотрел симонијата во црквата симнувајќи мозина епископи-симонисти; ја раширил милосрднатата дејност на црквата; напишал посебен чин на Светата Литургија (наречена Златоустова литургија) против кривоверците

Ја изобличил царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкувал со својот „златен ум и јазик“, на црквата ѝ оставил многу драгоцени книги со неговите беседи.

Народот го прославил, а имал и противници, па царицата двапати го испратила во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавиле апостолите Јован и Петар, а и маченикот Василиј (под 22 мај), во чијашто црква ја примил Светата Причест.

Се смета дека неговите последни зборови биле „Слава Му на Бога за сѐ!“. Од моштите на Св. Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан.

Златна труба на Православието – Свети Јован Златоуст. Споменот на овој светилник на Црквата се празнува на 13 ноември и на 30 јануари. А на овој датум се празнува преносот на неговите чесни мошти од ерменското село Комане каде што умре како прогонет, во Цариград, каде што порано како патријарх управуваше со Црквата. Кога се навршија триесет години од неговата смрт, патријархот Прокло одржа еден говор во спомен на својот духовен отец и учител и со тој говор толку ја разгоре љубовта на народот и на царот Теодосиј Помладиот кон големиот светител, што сите посакаа Златоустовите мошти да се пренесат во Цариград.

Се раскажува дека ковчегот со моштите никако не можеле да го помрднат од местото сѐ додека царот не му напиша писмо на Златоуст молејќи го за прошка (бидејќи мајката на Теодосиј, Евдоксија, беше виновна за прогонството на Свети Јован) и повикувајќи го да дојде во Цариград, неговата некогашна резиденција. Кога ова покајно писмо го положија на ковчегот, тој ковчег стана сосем лесен.

При преносот мнозина болни кои се допреа до ковчегот со моштите на свети Јован оздравеа. Кога моштите стасаа до престолнината, тогаш царот повторно молеше над моштите на светителот прошка во име на својата мајка, и тоа како самата таа да говори:

„Додека живеев во минливиот живот направив зло, а сега, кога ти живееш во бесмртноста, биди ѝ полезен на мојата душа. Мојата слава помина и не ми помогна ни малку; ти, оче, помогни ми во твојата слава, пред да бидам осудена на Судот Христов!“

Кога Светителот го внесоа во црквата на светите апостоли и го поставија на патријаршискиот престол, тогаш маса народ од неговите усни слушна: „Мир на сите!“ Преносот на моштите на свети Јован Златоуст беше извршен 438 година.