Секој 5ти пар кој стапува во брак се разведува во Македонија

Корона пандемијата го зема данокот. Стресот и неизвесноста придонеле за помалку бракови, а повеќе разводи изминатава година. Последните бројки покажуваат дека зголемен е бројот на граѓани кои во 2020 не ја крунисале својата љубов со брак. Со забраната за масовни собири и веселби, се откажуваа претходно закажаните свадби и венчавки, а мал е бројот на оние кои се решија да склучат брак само пред матичар. Според податоците од Министерството за правда до кои што дојде МИА, вкупно 9.200 бракови биле склучени изминатата година, 4.614 помалку, што е пад од 33,3 проценти за разлика од 2019 година, кога биле склучени 13.814 бракови. Кај разводите, во 2020-та година се забележува пораст од речиси 15 проценти (14,7), со тоа што имало 2284 разводи, или 294 повеќе од 2019-та година, кога изнесувале 1.990. За психолозите не се изненадување ваквите бројки. Психологот Мирјана Јовановска Стојановска за Канал 5 вели дека времето во кое денес живееме е тешко, а притисокот што ќе биде утре ги вади на површина и ги засилува нерешените проблеми меѓу партнерите, кои неретко завршуваат со равод. Сепак, за психолозите останува неизвесно дали успешна имунизација, олабавување на мерките и враќањето на свадбените прослави ќе помогне за зголемување на довербара во бракот, како и дали брачните партнери ќе ги надминат предизвиците во „новото нормално“. Јовановска-Стојановска на денот на вљубените им порача на младите дека не мора да чекаат да направат свадба за да почнат да живеат заедно, па така да ја крунисаат својата љубов.