„Очигледно слободата за Мијалков е награда од Заевизмот за устоличувањето на Северна“

„Повеќе од јасно е дека ова не е пропуст на Министерството за внатрешни работи кое го води Спасовски. Очигледно е дека и во овој случај, како што беше случај и со претходните бегства на осудени криминалци, раководните структури на МВР се директни соучесници во исполнување на ветувањата, кои премиерот Заев ги даде на криминалците од претходниот режим. Да се потсетиме, токму зборовите на Заев беа дека од него „зло нема да видат ни Сашо, ниту пак Груевски“. Без криминалниот дел на ВМРО-ДПМНЕ не ќе беше реализирана и неуставната промена на името, за што Заев во изјава потврди дека Мијалков разговарал со осумте пратеници и ги охрабрувал да гласаат за Преспанскиот договор. Очигледно слободата за Сашо Мијалков е награда од Заевизмот за устоличувањето на Северна! Кога станува збор за заштита и унапредување на криминалот и корупцијата, СДСМ и Заев како предводници на власта, покажаа дека сѐ што ветија – исполнија и реализираа. Но, кога се работи за ветувањата со кои ја прелажаа пошироката јавност, од нив останаа само слоганите и флоскулите со кои се служат само уште ситно поткупените партиски поттрчковци и лукративни бивши шарени револуционери“, стои во соопштението од Левица.