Денеска се навршуваат 17 години од страшната хеликоптерска несреќа во близина на Мостар во БиХ каде загина македонскиот претседател Борис Трајковски.
Тоа магливо утро во 2004 година речиси нема да го заборави секој граѓанин на оваа земја, а Трајковски до ден денес остана синоним за вистински лидер и претседател со свој став и углед во Европа и светот.
Трагедијата ја зави Македонија во црно, а светот го остави во неверување од веста дека тој повеќе не е жив.
Трајковски зад себе ја остави сопругата Вилма и децата Сара и Стефан.
Неговата сопруга и поранешната прва дама на Македонија од 1999-та до 2004-та година Вилма Трајковска по неговата смрт се повлече од јавноста, но не и од зачувување и негувањето на ликот и делото на Борис Трајковски.
Таа е основач на меѓународната фондација „Борис Трајковски“, како и основач на ВИТРА, непрофитна и невладина фондација формирана во 2001-та година со цел да ја афирмира жената и нејзината улога за сестран развој на општеството.
Весникот „Нова Македонија“, една година по несреќата во 2005-та година направи интервју со Вилма и тоа беше нејзино прво обраќање во јавноста по трагедијата.
-Неколкупати забележав дека гледа во една точка и ништо не зборува, чиниш не слуша. На лицето му се гледаше загриженост, иако се трудеше тоа да го скрие од нас. вторникот вечерта на 24 февруари ми се јави од кабинетот, каде што често остануваше до доцна во ноќта, за да ме праша дали би сакала да одам со него на карневалот во Струмица. Се извини што заборавил порано да ми каже. По гласот почувствував дека е преморен. За жал, јас веќе имав договорено некои обврски со синот, не можев да ги откажам, во Струмица беше Сара со другарките. Ноќта, влегувајќи во градот, веднаш ѝ се јавил по телефон. Ја прашал каде е, сакал да ја види. Таа му рекла дека е далеку од свечената ложа, дека има многу народ и дека ќе му треба многу време за да се пробие со обезбедувањето до неа. Не успеале да се видат.
По завршувањето на карневалот, Борис со преостанатите гости заминал на прием во хотелот „Сириус“. По извесно време, одеднаш станал и рекол дека ќе оди дома, да го види татко си. Луѓето од обезбедувањето биле збунети; било доцна. Набрзо стигнале дома; Борис го разбудил татко си и му рекол: „Тате, дојдов само да те видам“. Потоа малку поразговарале, го гушнал и си заминал. Бог знае зошто токму таа ноќ почувствувал потреба да го види.
-Ноќта во средата, ноќта пред утрото предвидено за полетување за Мостар, остана на работа до 22.30 часот. Кога си дојде дома, децата веќе спиеја. Тој речиси до полноќ разговараше по телефон. Не знам колку беше часот кога Сара се разбуди и се симна долу. Таа вели дека засекогаш ќе ја помни последната слика на татко си: тој во бела кошула и вратоврска седи крај масичката со телефонот и разговара. Го гушна татко си, го погледна и му рече: „Тато, ти многу се промени; ми изгледаш остарено“. Борис ме погледна мене, како да сакаше да каже: „Зарем навистина сум остарен?“. Имаше само 48 години. Сара и сега многу тагува; не може да сфати зошто му го кажала токму тоа и токму во последната ноќ од неговиот живот.
Целото интервју Нова Македонија со Вилма Трајковска го направи во 2005 година.
Британската морнарица го следела рускиот „Краснодар“ низ Ламанш
Британската кралска морнарица распоредила брод за поддршка RFA Tidesurge со хеликоптер Merlin за да ја надгледува руската подморница од класата Кило – Краснодар и придружниот реморкер Алтај, додека тие пловеле на запад од Северното Море, преку Доверскиот Теснец и Ламанш.
„Нема ништо како руска подморница за да го изостри вниманието на секој морнар“, изјави капетанот Џејмс Ален, командант на Tidesurge. Потполковникот Дејвид Емери, командант на летот на Атлантската ескадрила на 814. поморски воздушен ескадрон, истакна дека „одржувањето отворено присуство и континуирано следење на руските пловни објекти во водите на Обединетото Кралство е од витално значење за националната безбедност“.
Подморницата пловела на површината дури и при лоши временски услови, а кога пристигнала во близина на островот Ушан, северозападно од Франција, должноста за следење ја презел сојузник на НАТО.
Ова следење следува по претходните операции со патролниот брод HMS Mersey, хеликоптер Wildcat од 815. поморски воздушен ескадрон и авион Merlin од 824. поморски воздушен ескадрон, кои во јули го следеа руската подморница Novorossiysk низ британските води.
Министерот за одбрана Џон Хили неодамна го најави проектот „Атлантски бастион“, високотехнолошка сила вредна милиони фунти за заштита на подводни кабли и цевководи од потенцијални закани од руски подморници. Министерството за одбрана соопшти дека во последните две години е забележано зголемување од 30% на руските пловни објекти кои ги „загрозуваат“ британските води.
Обединетото Кралство, исто така, на почетокот на декември го потпиша одбранбениот пакт Lunna House со Норвешка, насочен кон заштита на подводните кабли од потенцијални руски закани.
Москва се заканува: „Мир или војна – изборот е ваш“
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес испрати силна порака до европските лидери, нагласувајќи дека Москва „нема намера да ја нападне Европа“, но дека ќе биде подготвена да реагира доколку дојде до ескалација.
Лавров изјави дека Русија е подготвена дури и правно да го документира отсуството на агресивни намери кон Европската Унија и истакна дека Москва со години предлага дијалог за паневропска безбедност. Според него, Русија останува подготвена за разговори „ако партнерите од Европа се подготвени сериозно да седнат на маса“.
„Ние немаме агресивни планови против ниту една членка на НАТО или ЕУ. Подготвени сме да дадеме писмени гаранции во правна форма“, изјави Лавров, пренесува Газета.ру, додавајќи дека таквите гаранции мора да бидат взаемно договорени.
Тој упати критика кон европските влади, кои, како што рече, се однесуваат „отворено милитаристички“, и предупреди дека „доколку Европа избере борба, Русија е подготвена уште сега“.
Изјавите на Лавров доаѓаат по неодамнешните реакции на Кремљ за можните европски воени ангажмани во Украина и за иницијативите за конфискација на руските средства. На 27 ноември, претседателот Владимир Путин во Бишкек изјави дека загриженоста на европските лидери околу „руска инвазија“ е неоснована, повторувајќи дека Москва не планира напад врз ЕУ.
Русија тврди дека го презела Северск, најавени нови офанзиви во Донбас
Рускиот претседател Владимир Путин заедно со началникот на Генералштабот Валериј Герасимов денеска објавија дека руските сили го зазеле источниот украински град Северск, пренесе ДПА. Според Путин, ова отвора можност за „успешни напади во други правци“ во регионот Донбас.
Украинските власти засега официјално не ги коментираа информациите.
Руската армија наведе дека следна цел ќе биде Славјанск, град кој пред почетокот на војната во 2022 година имал над 100.000 жители. Путин ја пофали „динамиката“ на фронтот и ги поздрави војниците, оценувајќи дека „стратешката иницијатива е целосно во рацете на руската војска“.
Тој повтори дека заземањето на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје „напредува“, без да се осврне на тековните мировни разговори или планот на американскиот претседател Доналд Трамп. Иако претходно ги нарече предлозите на Трамп „основа за разговори“, Путин истакна дека Русија може да ги постигне своите цели на бојното поле доколку Киев ги одбие условите на Москва.
Рускиот лидер повтори дека Москва бара Украина да го предаде целиот Донбас во замена за прекин на огнот – услов што Киев категорично го отфрла.
Москва во септември 2022 година соопшти дека го анектира Донбас и го внесе во рускиот устав, иако сè уште нема целосна контрола врз регионот.