Битолските гинеколози кои дозволија лекарка без лиценца да направи царски рез, се вратија на работа

Двајцата битолски гинеколози од денеска се вратија на работата откако беа суспендирани затоа што дозволиле неовластено невработено лице да присуствува во операциската сала. Скандалот во битолската гинекологија се расчисти со парични казни за лекарите, шест месеци со намалена плата за 30 проценти.

Веста за враќањето на работа и изречените казни ја потврди за „Независен“ директорката на Клиничката болница во Битола д-р Билјана Гагачовска.

„Од денес гинеколозите почнуваат на работа, заврши дисциплинската постапка. Комисијата донесе предлог-казна врз која се донесе решение од директор за изрекување на казна за двајцата лекари – максимална парична казна која ја предвидува Законот за здравствена заштита и тоа 30 проценти во наредните шест месеци. Со тоа заврши дисциплинската постапка и завршија причините за времено отстранување од работа“, ни рече директорката д-р Гагачовска.

Скандалот на битолска гинекологија го обелодени „Независен.мк“. Гинеколозите Михалјо Вангелов и Гоце Чакаровски (инаку поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во Владата на Зоран Заев), на првиот ден од новата година дозволиле невработен гинеколог, странски државјанин да учествува во породување жена со царски рез. Станува збор за сопругата на Вангелов која е специјалист гинеколог, невработена, државјанин на Србија, пишува порталот.