Спутник слета на скопскиот аеродром

Со авион на „Ер Србија“ пристигна првата пратка од руските вакцини „Спутник“.

Со авион на „Ер Србија“на скопскиот аеродром пристигна првата пратка од руските вакцини „Спутник“… Ги пречекаа министерот за здравство Венко Филипче и рускиот амбасадор во земјава Баздникин.

Од Москва до Белград преку посебен DHL лет, а од таму до Скопје со редовна линија на Air Serbia. 3000 вакцини на Спутник В стасаа на македонско тло во точно 14 часот и 16 минути.

Со возило за истовар внимателно беше крената големата сина кутија која заврши во комбе на Трансфузиологија и под полициска придружба замина кон поликлиниката Јане Сандански каде и ќе се чуваат вакцините.

Наменети се за 3000 лица како прва доза. Мал дел од нив ќе прими медицинскиот персонал кој не стигна да се вакцинира со српската донација од “Фајзер”, а другите се за лицата над 70 години со хронични болести. Дозите за ревакцинација, пак, се со поинаков состав и треба да пристигнат, како што кажа министерот Филипче, за три недели.

На скромниот пречек за вакцините чии преговори почнаа најдоцна а сепак стигнаа први беше и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин. Изрази надеж дека овие вакцини ќе помогнат во спасувањето на многу животи.

Имунизацијата со руската вакцина почнува в среда. Матичните лекари ќе ги известуваат своите пациенти за редот на вакцинирање. Токму возрасните над 70 годишна возраст кои дојдоа на ред за вакцинирање според националниот план се најмалку заинтересирани за КОВИД имунизација – од околу 170.000 лица на оваа возраст, се пријавиле само 35 отсто.

Инаку земјава со Русија има склучено договор за набавка на 200.000 вакцини. До крајот на месецов се очекуваат и 21.000 вакцини од директните преговори со „Фајзер“. За кинеските „Синофарм“, пак, здравствените власти рекоа дека документацијата е подготвена но не кажаа ниту колкава ќе биде првата пратка ниту кога ќе пристигне.