Банките не сотреа, сред криза заработиле 180 милиони евра!

Банките во Македонија не ја делат судбината на стопанството и граѓаните, туку заработуваат многу повеќе отколку што се стапките на економска состојба, раст и развој на стопанството.

Причината за тоа е секако регулативата на Народна Банка и постојниите закони и прописи кои на банките им овозможуваат заработка дури и од воздухот во нивните канцеларии и експозитури, без да имаат трошоци од наплатите – како што се наплаќањето за технички услуги од типот проверка на сметка, или увид во состојба преку банкомат или телефонска апликација, како и фантомските заработки од таканаречените “подготовки на документација при барање кредит“, од кој кредит и камати банката веќе заработува.

Банките не се обични комерцијални дејности, за својата работа добиваат лиценци и државна заштита. Освен ова, за разлика од компаниите, го делат ризикот на работата со државата која гарантира за штедните влогови со кои тие работат и заработуваат. Ако банката пропадне, како што е случајот со Еуростандард банка, голем дел од парите на штедачите се наплаќаат од буџетот, од јавните пари на граѓаните. Компаниите ја немаат оваа привилегија, и ако пропаднат штетата оди на сметка на основачите и нивните доверители.

Во година на пандемија, карантини и рестрикции, македонските банки заработиле како никој во државата. Или, првите четири банки имаат заработка повеќе од 10-те најдобри компании во Македонија- заедно. Нивната профитабилност во минатата година била поголема од кога било и достигнала 118 милиони евра.

Конкретно, лани домашните банки оствариле вкупен профит од 118 милиони евра, или прецизно 117,9 милиони евра. Ова го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија.

Претходната, 2019 година вкупниот профит на банките бил близу 109 милиони евра, или точно 108,7 милиони евра, што е за повеќе од 9 милиони евра помалку од лани, во време на целосна економска криза со пандемијата.

Банките лани им ги замрзнаа во два наврати ратите на граѓаните и компаниите кои се соочија со тешкотии поради корона кризата, но не им ги опростија долговите за камати, со што тие се распоредуваат за наредните ануитети.

Во 2019 година функционирале вкупно 15 банки, додека во 2020 година нивниот број се намалил на 14 банкарски институции, откако НБМ и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка.

Најголемите три банки во Македонија заработуваат 100.000 евра на ден! Секој ден, и во сабота и во недела кога не работат, тие заработуваат по 100.000 евра дневно.

Комерцијална банка ја зацврстила својата позиција на убедливо најголема банка во земјава. Нејзината актива заклучно со крајот на минатата година достигнала 2,157 милијарди евра, со што таа банка останува убедливо на врвот на листата како најмоќна банкарска институција во државава.

За само една година, односно во споредба со крајот на 2019 година, активата на банката пораснала за дури 156 милиони евра. Или, тогаш оваа банка имала актива од нешто малку повеќе од две милијарди евра.

Инаку, според најновите критериуми на НБМ, во групата големи банки влегуваат оние чија актива е поголема од 664 милиони евра, а такви во земјава се пет банки. Средни се шест банки, а нивната актива треба да е поголема од 166 милиони евра и помала од 664 милиони, додека, пак, сите оние банки чија актива е пониска од 166 милиони евра, влегуваат во рангот на мали банки, и такви во земјава се три банкарски институции.

Втората банка после Комерцијална е Стопанска банка Скопје, зборуват податоците на централната банка. Стопанска банка Скопје на крајот на ланската година имала актива од 1,724 милијарди евра, што е за 103 милиони евра повеќе од активта што ја имала на крајот на 2019 година, 1,621 милијарди евра.

Третата банка, НЛБ Банка, е егал со Стоапнска банка Скопје, прикажувајќи актива на крајот на 2020 година од 1,574 милиони евра. Ако се има предвид дека НЛБ Банка една година претходно имала актива од 1,437 милијарди евра, значи дека за една година капиталот на оваа банка е зголемен за 137 милиони евра.

Халк Банка, која во последно време се соочува со финансиски скандали како во случајот со кредитирањето на купопродажбата на Рамстор и контраверзниот бизнисмен Ајдован Адемовски е четврти значаен банкарски играч според големината на македонскиот банкарски пазар, влегува во рангот на банкарски „милијардер“, надминувајќи ја сумата на актива од една милијарда евра.

Или конкретно, на крајот на минатата година Халк Банка веќе достигнала актива од 1,089 милијарди евра, откако една година претходно имала 933 милиони евра. Или, капиталот на таа банка за една година пораснал за дури 156 милиони евра.

Анализа на Vecer.mk.