Маkедонец паднал во kома отkаkо му се cлошило по ваkцинирањето во Cрбија

73-годишен Македонец паднал во кома откако му се слошило вчера по вакцинацијата во Србија потврдува директорот на Универзитетскиот клинички центар Зоран Перишиќ, пишува „Јужне вести“, пренесува Сител телевизија.

„Нема никакви промени во неговата состојба од вчера“, изјави Перишиќ.

Тој додава и дека не е позната причината зошто е пациентот во кома, но потенцира дека се исклучени кардиолошки проблеми.

„Со оглед на тоа дека пациентот имал операција со четири бајпаса, направена е и коронарографија и сликани се и бајпасите, нема знаци за инфаркт, ништо не се случило околу срцето. Така што, тие причини се исклучени“, вели Перишиќ.

Додава дека во зависност од здравствената состојба на пациентот ќе се направи и дополнителна дијагностика.

Вакцинацијата на граѓаните од Македонија започна во сабота, а вчера пред „Чаир“ имало премногу гужва бидејќи имало и Македонци кои немале закажано термин за вакцинација.

Организацијата за вакцинирање ја води Здравствениот дом од Ниш, а директорот Милорад Јеркан првично за случајот со македонскиот пациент рече дека му се слошило поради премореност.

Јеркан додава дека добил информација дека на Македонецот не му се слошило од вакцината. 

Во Србија продолжува вакцинацијата за соседните земји, обезбедени се уште 2.000 вакцини.