Почина поранешниот Јавен обвинител, Марко Зврлевски

По кратко боледување, денеска во Скопје, на 60-годишна возраст, почина Марко Зврлевски, поранешен Јавен обвинител на Република Македонија.

Зврлевски беше роден на 04.12.1960 година во Дебар. Основно и средно образование завршува во Скопје. Дипломираше на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во  Скопје.

Работното искуство го започна при Македонската академија на науките и уметностите (1988-1989), по што кратко време работеше како новинар во Македонската радио телевизија. Од приправник по правна  струка во тогашното Општинско јавно обвинителство во Скопје (1989-1991), преку стручен соработник (1991-1998), адвокат од областа на казненото право (1998-2000), заменик-јавен обвинител во Основното  јавно обвинителство – Скопје; (2000-2005), Зврлевски речиси целата своја кариера ѝ ја посвети на јавнообвинителската работа. Во декември 2005 година беше распореден во Одделението за гонење на  сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, а по трансформирањето на одделението, беше избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на  организиран криминал и корупција. Од ноември 2009 до јануари 2013 година како Основен јавен обвинител раководеше со Основното јавно обвинителство – Скопје. Во јануари 2013 година беше именуван за Јавен  обвинител на Република Македонија која функција ја извршуваше до август 2017 година.