Илон Маск најавува повлекување од американската администрација поради „неетички напади“
Илон Маск би можел наскоро да се повлече од функцијата во американската администрација, наведувајќи како причина, според негови зборови, „злобни и неетички напади од левиот политички спектар“. Иако официјална потврда за негова оставка сè уште нема, неговиот специјален статус како државен службеник истекува кон крајот на наредниот месец, пренесува The Washington Post.
Извори блиски до Маск велат дека тој е уверен оти неговото евентуално заминување нема да го загрози функционирањето на Одделот за ефикасност на владините системи (DOGE), бидејќи тимот веќе има воспоставено силна соработка со федералните агенции.
Се зголемуваат шпекулациите за неговото повлекување
Шпекулациите за повлекување на Маск добија на тежина по серија случувања кои укажуваат на негово ослабено влијание во администрацијата. The New York Times објави дека вршителот на должност на шефот на федералната Пореска управа (IRS) бил сменет откако министерот за финансии Скот Бесент изразил незадоволство од едностраната одлука на Маск да назначи нов кандидат без претходна консултација.
Дополнително, медиумите пренесуваат дека Маск предизвикал незадоволство кај други членови на владата поради спроведување мерки за штедење без координација со другите институции.
Стручњаците предупредуваат: Тесла е во критичен момент
Аналитичарот Ден Ајвс од Wedbush Securities јавно го повика Маск да ја напушти функцијата во владата и целосно да се врати на чело на Tesla, оценувајќи дека компанијата се наоѓа во „критична фаза“.
„Маск мора да се повлече од DOGE и повторно целосно да се посвети на Tesla. Тоа е клучно за иднината на брендот“, истакна Ајвс, додавајќи дека „Tesla е Маск, и Маск е Tesla“. Тој предупреди дека името на компанијата станало политички симбол поврзан со администрацијата на Трамп и со DOGE, што може да резултира со долгорочен пад на побарувачката од 15 до 20 отсто поради нарушениот имиџ.
Незадоволство и внатре во администрацијата
Според The Washington Post, Маск се соочил и со отпор внатре во администрацијата. Тој наводно им наредил на сите федерални службеници секој петок да испраќаат е-пошта со пет работи што ги имаат сработено во текот на неделата. Непочитување на оваа обврска, според Маск, би значело – оставка.
Но, само два дена подоцна, Канцеларијата за управување со човечки ресурси (OPM) соопшти дека оваа пракса е доброволна и не може да се користи како основа за отказ. Некои агенции ја отфрлиле оваа обврска, други ја применуваат без надзор, а трети бараат редовно известување, но не ги проверуваат извештаите.
Како што пишува Post, дел од вработените испраќаат речиси идентични извештаи секоја недела – или пишуваат извештаи со шеговит тон, што укажува на општо отсуство на мотивација да се следат Масковите директиви.