Малта планира да им даде на туристите по 200 евра ако останат три дена

Со цел да ја оживее својата туристичка индустрија, Малта планира да им понуди на странските посетители до 200 евра доколку летово останат најмалку три дена на медитеранскиот остров, изјави министерот за туризам Клејтон Бартоло.

Бартоло рече дека кога повеќето антипандемиски мерки ќе бидат укинати до 1 јуни, на туристите кои ќе резервираат летни одмори директно преку локалните хотели, ќе им бидат дадени пари.

Бартоло рече дека туристите кои ќе резервираат сместување во хотел со пет sвезди во текот на летото, ќе добијат 100 евра од туристичката администрација на Малта, а хотелот ќе додаде уште 100.

Во сличен аранжман, оние што ќе се определат за хотел со четири ѕвезди, ќе добијат вкупно 150 евра, а оние кои ќе резервираат хотел со три sвезди, 100 евра.

Податоците на Светскиот совет за патувања и туризам покажуваат дека туристичката индустрија директно и индиректно сочинува повеќе од 27 проценти од економијата на Малта, но тој сектор бил загрозен од пандемијата COVID-19.

Земјата привлече повеќе од 2,7 милиони странски посетители во 2019 година, но бројките се намалија за повеќе од 80 проценти од почетокот на пандемијата на вирусот корона во март 2020 година.