Ни доаѓа Велигден, како да вапцате јајца на природен начин

Доколку сакате кафеава боја во тенџерето каде што ќе се варат јајцата додајте лушпи од кромид, за портокалова боја рендан морков, за светложолта цветови од камилица, за виолетова и темноцрвена боја цвекло, а за светлоцрвена родква или кора од врба

Модерното време ни донесе бои од ќесички, многу дополнителни украси, едноставно вапцување на велигденските јајца. Но, ништо не ја менува традицијата, искуствата на домаќинките кои години наназад не отстапуваат од нивните проверени методи за вапцување и украсување велигденските јајца со бои кои ги подготвуваат сами од продукти од природата.
Впрочем здравиот живот е се’ повеќе во тренд па можеби за природниот начин за вапцување, кој ви го предлагаме, ќе треба да одвоите малку време, но добиените вапцани и ишарани јајца ќе бидат поздрави и секако оригинални.
Доколку сакате кафеава боја во тенџерето каде што ќе се варат јајцата додајте лушпи од кромид, за портокалова боја рендан морков, за светложолта цветови од камилица, за виолетова и темноцрвена боја цвекло, а за светлоцрвена родква или кора од врба.Имајте на ум дека колку повеќе ги оставате јајцата во подготвената течност толку поинтензивна боја ќе добијат.
Жолта боја: Зачинот куркума и морковот ќе ви дадат жолта боја, а интензитетот на бојата се зголемува со истовремено користење на двата материјали.
Три лажици од зачинот во прав куркума измешајте со три лажици од изренданиот морков. Варете 30. минути и оставете да се излади, потоа прецедете ја смесата.
Во изладената течност ставете, топли, сварени јајца и оставете да ја апсорбираат бојата, околу 30. минути до еден час. Наместо зачин куркума може да употребите и шафран. Шафранот и ренданиот морков ги оставаме да отстојат 4. часа, а потоа ги вариме половина час.

Црвена боја: цвекло – бојата ја подготвуваме со 3. чаши сок од цвекло и 1. литар вода, на што се додава и’ лажица бел оцет.Во подготвената боја, на тивок оган варете ги јајцата околу 15 минути, на средна темпертура и оставете да отстојат во неа. Колкав ќе биде интензитот на црвената боја на јајцето, зависи од тоа колку време јајцето ќе отстои потопено во течноста. Јајцата се оставаат во течноста најмалку уште 30 минути, а доколку сакате потемна црвена боја оставете ги јајцата до еден час.

Окер – црвено – кафеава боја: 2-3 раце лушпи од кромид на еден литар вода.
При бојадисување со лушпи од кромид, може да постигнеме различни нијанси на бои. Доколку јајцата после варење, со лушпите во кромид ги оставиме да отстојат кратко време во изладената течност, добиваат златно жолта боја.Ако пак јајцата после варењето отстојат подолго време во течноста, ќе добиеме црвено кафеава боја. При бојадисување на јајцата со лушпи од кромид, често пати лушпите се користат за украсување на Велигденските јајца, со сликички во форма на разни листови или цветови.

Виолетова боја: Сок од малини или црвено вино (домашно) за да се добие пурпурно црвена боја. Јајцата се варат во течноста 15. минути и ги оставаме да се изладат во течноста во која се вареле. При користење на вино, на површината на јајцето се оформуваат мали кристалчиња.

Сина боја: Црвена зелка ситно рендаме и врз неа наливаме вода колку што е потребно целосно да ја покриеме и вариме 30. минути. Потоа ја оставаме да отстои еден ден и процедуваме.Во изладената течност ги оставаме претходно сварените јајца да отстојат 30 минути. Течноста за бојадисување има темно црвена боја, а јајцата се бојадисуваат сино.

Портокалова боја: Се добива со зачинот црвен пипер – но внимавајте оставете ги јајцата само 10. минути и веднаш извадете ги.

Зелена боја: Ситно исечкајте спанаќ и налијте вода колку што е потребно целосно да се покрие.Оставаме да отстои 4. часа, потоа спанаќот се вари 30. минути и се остава да се излади.Во изладената течност за бојадисување ги потопуваме варените јајца и ги оставаме 30 минути. Наместо спанаќ може да употребиме и коприви.

Кафеаво – зелена боја: 30-50 г. чај од нане се меша со еден литар вода, 2. лажици оцет и се вари 30. минути. Може да се додаде и по некој лист од орев, ако имате. Така добиената течност за бојадисување се остава да се излади и во неа ги бојадисуваме јајцата – времето на бојадисување зависи од саканата боја. Колку подолго се јајцата во течноста, толку потемна боја добиваме.

Создавање на камени (мермерни) јајца
Ќе добиете јајца што ќе изгледаат како камени доколку пред бојадисувањето ги завиткате во газа. Вака завиткани ставете ги јајцата во сад со сина боја. Откога ќе се сварат, отстранете ја газата и ќе добиете јајца со најразлични шари што ќе се прелеваат од светла- до темно-сина боја.

Бојадисување со листови
Омиленото бојадисување на многу жени е токму бојадисувањето со помош на листови. Одберете листови и цветови од природата што ќе дадат убава шара и поставете ги правилно на јајцата. Внимавајте да не се извиткаат, па преку нив навлечете чисти најлон чорапи што ќе ги заврзете во цврст јазол (доколенките се одлично решение – па и да имаат по некој испуштен конец).
Вака подготвени, потопете ги јајцата во бојата. Варете ги по стандардната процедура, а кога ќе бидат готови, извадете ги од тенџерето и оставете малку да се исцедат. Потоа, исечете го јазолот со ножици и внимателно отстранете го листот. На крај, намачкајте ги со масло за јадење за да добијат сјај.

Бојадисување со ластичиња и восок
Интересна шара добиваат и јајцата на кои пред да ги потопите во бојата сте им нанеле кујнски ластичиња во различни насоки. По боењето, отстранете ги ластичињата. Сличен ефект се добива и со помош на восочни форми. Со помош на вжештено перо нанесете восок (може и од црковни свеќи) на јајцата во различни форми. Потопете ги во бојата, а кога ќе се сварат отстранете го восокот, најдобро со фен. Делот на кој бил восокот, односно ластичињата останува необоен.