Сочувство и голема благодарност до фамилијата, срцето на Верица донесе живот за мојот син

Цветко Стрезовски од Брвеница, татко на Иле Стрезовски, лицето на кое му беше извршена трансплантација, истакна голема благодарност до сите што на неговиот син му беше продолжен животот. Тој изрази сочуство до фамилијата на Верица, која даде дозвола нејзините органи да бидат донирани.

„Сега сум среќен. Прво да изразам сочуство до фамилијата на Верица за загубениот живот. Нејзиното срце му донесе живот на мојот син. Од 6-7 јануари му беше дијагностицирано слабо срце. Се бараше донор, и ете фала му на Бога се најде донор. Се чувствувам добро. Разговарав со синот, добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот лекарски тим кои учествуваше во оваа операција“, рече Стрезовски.

„Трансплантацијата е извршена со сите ресурси врз младиот пациент кој се наоѓаше во исклучително тешка состојба. Операцијата беше извршена успешно. Во услови кога сме соочени со пандемија, еве се виде дека не ги забораваме и другите пациенти и очекувам и други пациенти кои се на листи на чекање дека ќе добијат шанса за живот“, рече доктор Жан Митрев.

Семејството на Иле изрази благодарност до семејството на 20-годишната Верче Беловска и до лекарите кои го спасија неговиот живот.