Зачука ново срце кај 27 -годишно момче, направена и втората трансплантација на срце во Македонија

Во 3 часот и 33 минути утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија.

Малку после полноќ, министерот за здравство Венко Филипче објави дека на Клиника во тек се подготовките за трансплантацијата.

„Петок на полноќ се прави подготовка за втора трансплантација на срце во историјата на нашата земја. Ова се дел од колегите на Кардиохирургија кои се дежурни вечерва, им посакувам многу успех на сите, да им држиме среќа“, напиша министерот.

Операцијата на трансплантација завршила во 4 часот утрово.

Министерот вчера ја објави веста дека се бара пациент кој би можел да го добие срцето на несреќната девојка на која не можел да ѝ се спаси животот и рече дека ќе бидат трансплантирани и нејзините бубрези.

Во мај минатата година беше извршена првата успешна трансплантација на срце од донор. Срцето на починатата Емилија Динева продолжи да чука во 53 годишниот Иван Огненовски, кој долго време чекаше донор.

Таа трансплантацијата беше извршена од тим на тројца кардиохирурзи под водство на Сашко Јовев од државната кардиохирургија, Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника”, и Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина”.

Еден од докторите кој беше вклучен во трансплантацијата која заврши во 4 часот утринаца за „А1он“ раскажува:

Ноќеска згасна еден 20-годишен живот и во исто време најмалку десетина нови добија шанса за нов и подобар живот. Ноќеска едно семејство го изгуби најмилото и во исто време го даде најскапоценото. Ноќеска еден голем тим на лекари покрај грижата за ковид центрите направија трансплантација на неколку ограни и покажаа дека надеж постои и хуманост во сите нас.