За курбаните и суеверијата, што е ѓаволска работа?

Еден народен, во голема мера магиски и идолопоклонички обичај, кој е многу раширен помеѓу верниците, е курбанот. Курбанот што се прави при осветување на куќа, кога темелите се попрскуваат со крв од закланото животно и во нив се става неговата глава, е чиста ѓаволска работа, со која како нечестив обред си го внесуваме ѓаволот во сопствениот дом. Курбанот, пак, принесен при храмова слава може да биде и нешто добро, и нешто лошо, во зависност од тоа како ќе се разбере.

Ако курбанот се подготвува и дели за закрепнување на гостите, кои често пати и оддалеку доаѓаат на храмовата слава, што значи ако основен мотив е братољубие, гостољубие, тогаш тоа е добро, само треба да се внимава да не е во среда или петок, или во период кога се пости. И во манастирите е забрането колење на курбан, бидејќи според преданието на Црквата и манастирските Устави во манастирите не се јаде месо. Ако курбанот се коле со цел да му се принесе жртва на Бога за здравје и успех во животот, за Господ да чува од несреќи, таквиот чин е маѓиски и идолопоклонички, и не е во согласност со учењето и преданието на Православната Црква. Ако притоа се наруши и од Светата Црква определениот пост (ако курбанот се коле и јаде во среда или петок или во некој друг посен ден) тогаш гревот е уште поголем.

Бог Отец прима само една жртва, а тоа е крстната жртва на Неговиот единороден Син, принесена за спасение на секој човек, која е потполна и совршена жртва.

Нашето учество, во оваа еднаш засекогаш принесена жртва, се остварува на светата Литургија на Црквата, преку постојаното принесување на нашата словесна и бескрвна жртва (Светите Дарови) и преку причестувањето со Телото и Крвта Христови. Нашиот пост, молитва, љубовта кон Бога и секој човек, жртва која Бог пред сè ја бара од сите нас и која ја принесуваме во Светите Дарови, ја наоѓа својата смисла само во причестувањето со Светите Тајни. Светата Литургија (Евхаристија) на Црквата е извор и полнота и мера на нашата вера и на севкупниот наш живот. Затоа во православната Црква на Бога никогаш не Му принесуваме крвни жртви, не Му принесуваме туѓа крв, зашто на тој начин би покажале дека ја презираме жртвата на Неговиот единороден Син и би направиле голем грев. Единствена крвна жртва која би Му била мила на Бога е нашата сопствена крв принесена во одбрана на православната вера и Црква. Друг демонски обичај кој најчесто оди заедно со курбанот е сечењето на уво од животното (јагнето) што се принесува, кружење со Јагнето околу храмот, негово внесување внатре, принесување на јагнето да се поклони и да ја целива иконата, и друго…

Ако ние не го исполнуваме законот Христов – не сме ни христијани… Бидејќи за Христа трпиме, барем да Го слушаме што ни вели. Он не ни вели нешто тешко, туку лесно. Он ни вели да се љубиме еден со друг, да си простуваме, да се тешиме, да бидеме внимателни, да не збеснуваме како мали деца, да не се опиваме, да не блудствуваме, да не пиеме вино без мера, да не скокаме на оро како безумните што скокаат.

А ние и празникот што го служиме еднаш во годината, и него непристојно го служиме, а не побожно. Баш на денот гледаме да се опиеме, да скокаме, да збеснуваме. Цела ноќ седите, пиете и збеснувате, не го молите светителот туку го лутите, та тој не се застапува за вас пред Бога и не ви помага, па попусто се трошите…

Ама ќе речете… не знаеме како треба. Така најдовме, така ќе оставиме. Немој, брате, не останувај, туку тргни се од злото и прави добро… Ако, пак, не си кадар и не можеш ништо да направиш според законот, барем не прави беззаконие, туку седи си со страв Божји и речи: На денешен ден сите христијани стојат во законот, Бога Го молат, Бога Го фалат по црквите и Божјите домови, а ние сме принудени од сето тоа да се лишиме. И, помоли се на Бога со солзи и речи: избави нè Боже од оваа лош обичај што го имаме и научи нè Господи на вистината Твоја и исправи ги стапките наши кон остварување на Твоите заповеди.

А, вие се надевате на курбаните што ги колете… со тоа да му угодите на Бога. Не знаете ли дека тие курбани се идолска жртва, еврејска жртва, а не христијанска. Тој христијанин што коле курбан не е христијанин, туку евреин или идолопоклоник, и тој свештеник што со запалена свеќа служи над главата од овенот (курбанот), лаже само заради добивка, заради пари, заради месо, оти во законот христијански никаде не пишува свештеник да служи на овен, а христијанин да коле курбан.

Принесување на Авраамовата жртва

Немојте христијани, не колете крвни жртви, зашто имаме бескрвна. Видете што пишува Духот Свети низ устата на пророкот Давид во 49-от псалм, стих 13: „Зар Јас да јадам јунешко месо и да пијам крв јарешка? Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои воздај Му ги“. И, вели: „Немам потреба да примам од домот твој телци, ниту од стадата твои јарци“… Курбанот остана од Авраама, а просфората и виното останаа од Мелхиседека. И, види кој е поголем? Види како Бог го прати Авраама да се благослови од Мелхиседека, зашто тој беше свештеник на Бога Вишниот и неговиот принос беше многу пријатен пред Бога, зашто беше од леб и вино, а не од месо и крв како Авраамовиот…

Мелхиседех (свештеникот на Бога Вишниот) го дочекува Авраам со леб и вино

Гледате христијани колку голем грев бива со колењето курбани. А, вие се надевате да измолите милост од Бога и од светителот и да се исцелите од болестите. А, Бог вели: Не сакам да ми колете; Јас ни крв пијам, ниту месо јадам. А, вие колете со свештеникот и велите: Курбан го праќаме на Бога. А, свештеникот што не ви кажува каква е работата, туку од лакомост за пари уште и ве мами, ви вели: Ако, гледајте си ја работата, што сте нашле не оставајте. А, ако погрешно ве учи, на него е голем грев, оти од него отстапило и свештенството и христијанството, и тешко на таа парохија каде што тој свештеникува, и тешко и претешко и горко на неговата душа!

За свештениците, пак, коишто се занимаваат со курбан, и други демонски нешта, 36-то правило на Лаодикискиот собор вели:

„Бидејќи тоа е предавство на верата, таков свештеник треба да се исклучи од Црквата, зашто занимавајќи се со такви дела, тој од служител на Вечниот Бог, станал служител на ѓаволот.“ Има и некои други слични нешта на кои православниот свештеник треба будно да пази и да го просветува народот. Да ги спречува, а не да учествува во истите, губејќи си ја притоа душата.

И суеверието е една од пројавите на магискиот пристап кон животот. Неопитен во духовниот живот, човек лесно прима демонски помисли и искривени учења и согласувајќи се со нив потпаѓа под дејство на ѓаволот. На пример: младите се плашат да се венчаат во престапна година, а не се плашат дека при венчавањето, сакајќи да ја избегнат престапната година, го нарушуваат Божикниот пост. Така луѓето пазат на престапни години, на полни месечини, на црни мачки, на несреќни броеви и што ли не друго. Некои на парастас или на Духови чекаат во виното да се појави ликот на покојникот. И уште, се прави еден цел систем на забрани (не допирај, не почитувај, не стапнувај, не целивај, не кажувај, не погледнувај, не свртувај се, не среќавај се и друго), живот кој и противречи на здравата духовност и побожност. Суеверието се појавува таму каде што нема вистинска, здрава вера и побожен живот.

Во една од пројавите на нездрав „духовен“ живот спаѓаат и хороскопите и призивањето духови, нешта кои многу често ги слушам на Светата Тајна Исповед.

Христијани, браќа мои, да се подготвуваме духовно, а не телесно; така подготвувајќи се, да се исповедаме кај духовникот, оти духовникот има власт и благослов од Христа Бога; та гревовите коишто се прават секој час, а ги забораваме и не ги паметиме, да ги кажеме на духовникот, за тие да бидат простени со разрешната молитва што ја чита исповедникот, та на Велигден да можеш достојно да се причестиш, достојно да празнуваш, достојно да се веселиш, достојно и духовно да се радуваш…

И на крајот, да заклучиме, дека луѓето кои посетуваат бајачи и гледачи, принесуваат курбан, веруваат во суеверија, се задојуваат со еден друг дух, и често доаѓаат во состојба на непослушание кон својот епископ, а надвор од благодатната заедница со него нема Црква, ниту има побожен живот, ниту спасение.

Бигорски.