Путин направи список на непријателски земји: Потпиша указ за примена на контрамерки против државите кои се против Русија

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за примена на контрамерки против земјите кои презеле непријателски активности против Русија.

Документот е објавен на веб-страницата на Кремлин и, како што е прецизирано, Указот е донесен со цел да се заштитат интересите и безбедноста на Русија, пренесува Спутник.

Според тој документ, ограничено е склучување на договори за вработување и други слични договори меѓу дипломатски мисии, конзуларни претставништва, претставници на државни органи на странски држави кои презеле непријателски активности против Русија и физички лица на територијата на Русија.

Претседателот и наложи на владата да состави список на непријателски земји, како и да го одреди бројот на физички лица со кои дипломатските мисии на тие земји можат да склучат договори.

Договорите во врска со физички лица кои ја надминуваат квотата утврдена од владата ќе бидат раскинати.

Портпаролот на Кремлин Дмитриј Песков рече дека мерките се однесуваат на дипломатски мисии, а не на деловни кругови и инвеститори.

Спутник потсетува дека САД прво прогласија десет руски дипломати за персона нон грата, а веднаш потоа истото го стори и Полска, протерајќи тројца вработени во руската амбасада во Варшава. Ним им се придружи Велика Британија.

После тоа, премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиќ, на 17 април објави дека Прага се сомнева дека руските разузнавачки служби се одговорни за експлозијата во магацинот за муниција во селото Врбјетице во 2014 година.

Истиот ден, чешкиот министер за надворешни работи Јан Хамачек рече дека неговата земја протера 18 руски дипломати.

Руското Министерство за надворешни работи нагласи дека изјавите за вмешаност на руските разузнавачки служби во експлозијата во Врбјетица се апсурдни, неосновани и измислени, а возвратиле со протерување чешки дипломати

Ескалацијата на релација Прага-Москва продолжи кога министерот за надворешни работи на Чешка, Јакуб Кулганек, на 21 април побара Русија да ги врати протераните чешки дипломати во Москва, заканувајќи се дека ќе го намали бројот на вработени во руската амбасада на пет дипломати.

Бидејќи не доби позитивен одговор од Русија на нејзиното барање, Чешка официјално објави намалување на бројот на вработени во руската амбасада во Прага, давајќи рок до крајот на мај.

Балтичките држави покажаа солидарност со Чешка, која исто така протера руски дипломати.