„Пораката од Заев до Пауновски е јас сум те поставил, јас ќе ти кажам што ќе правиш“

Пораката од Заев до Стојко Пауновски е јас сум те ставил, јас ќе ти кажам што ќе правиш. Ставањето на функционер не значи дека тој ќе биде ваш послушник, тој треба да има интегритет, доколку таа институција има скандали или проблеми, одговорен е тој човек, но не да се разрешува за невработување на луѓе кои смета дека не се потребни, рече во вечерашната дебата на ТВ 24 универзитетскиот професор и аналитичар Владимир Божиновски.

Сега и да не го сменат Пауновски штетата е направена, Заев ја направи штетата. Доколку именувате некој, тој треба да го оставите да си ја води институцијата, треба да му вршите контрола, но не да се меша, особено не во решенија за кои функционерот има против аргументи, вели Божиновски,

Дали ова е обид за дефокус или ќе има реални процеси како оној за Драги Рашковски, висок владин функционер, ќе треба да помине време за да видиме дали и каква завршница ќе има, од тоа ќе се знае дали имало старт на борба со корупцијата и криминалот, рече Божиновски.

Денеска Заев рече дека ги чул ставовите на инспекторите, и дека ќе ги презентира на Влада, која ќе донесе конечен став околу негово разрешување.

„Ги слушнав аргументите на инспекторите, нивните аргументи ќе ги презентираме на владата, и владата ќе донесе одлука за Пауновски. Јас ќе оставам Владата да одлучи. Да не излезе дека преку медиумите носиме одлука. Ќе ги кажам моите ставови, ставови на вработените во ДПИ, на Стојко Пауновски, ќе ги кажам сите аргументации на одговорно владеење. Секако дека согласно етичкиот кодекс имаме плеада на можности како да постапиме, но согласно и законските регулативи. Зборувам и за предлог за разрешување, и предлог на останување. Важно е да се почитува законот, одлуките, ефикасност во работењето и етички пристап во нашето делување. Ќе го кажам тоа на влада“, рече Заев кој одговори на новинарско прашање што биле аргументите на инспекторите утрово:

„Дека бил добар човек, го унапредил работењето на ДПИ и други аргументи“, рече Заев.