Вечерва НЕМА ПОЛИЦИСКИ ЧАС,но кафаните РАБОТАТ ДО 20.30

Вечерва нема полициски час, но летните тераси на кафеаните и кафулињата ќе работат до 20:30 часот, согласно одлуката на Владата од 27 април. Утревечер во 21 часот, повторно ќе стапи на сила ограничувањето во движење од 21 до 5 часот.

Владата одлучи дека од 28 април полицискиот час важи од 21 до 5 часот, а исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај за време на Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за Рамазан бајрам. Новите мерки важат до 15 мај.

На новинарско прашање каква логика има во еден ден да се укине полициски час, а веќе од наредниот ден пак да се воведе, министерот за здравство Венко Филипче неодамна одговори: „Многу е важно чувството на граѓаните. Да потенцирам, здравствената состојба ја дозволува оваа мерка. Верските заедници земаа обврска да водат сметка за време на празнувањето и собирањето за верските празници.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера го осуди ставот на владиката Петар со кој ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници. Претходно, Филипче кажа дека самиот не слушнал оти причесната во црквата се дава со исто лажиче за сите верници и апелираше ако има можност да се најде алтернатива или воопшто да не се прави.

На тоа, владиката Петар, кој на почетокот на месецов се лекуваше од ковид-19 во приватна болница, му одговори дека „луѓето што не се во Црквата да не се мешаат во црковните работи, бидејќи нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега“.